Adel Ömeragiç
02 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
БУДВА (AA) - Регионална конференција за економија – Монтенегро 2017, организирана од страна на Стопанската комора на Црна Гора (ПКЦГ) во соработка со Министерството за наука, започна денеска во Будва, каде што учествува и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата којашто собра околу 500 претставници на владите, бизнис заедницата, научната и стручната јавност од Балканот и пошироко, се разговараше и за предизвиците на патот кон Европската Унија (ЕУ).
Конференцијата којашто ќе трае до петок, ја отвори премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ. Тој во својот говор рече дека во регионот на Западен Балкан веќе нема дилеми – сите држави сакаат членство во ЕУ.
„Но, од нашиот регион мораат на Брисел да му бидат упатувани недвосмислени сигнали дека сме подготвени и решителни да го исполниме клучното барање на Европската Унија, безбеден и економски стабилен Балкан. Нема да речам ништо ново ако кажам дека во регионот повеќе немаме дилеми околу клучната цел за сите наши држави – членство во Европската Унија. Нема да образложувам зошто тоа е најдобро решение, за сите нас овде, а убеден сум и дека на огромно мнозинство наши граѓани тоа им е повеќе од јасно, веќе толк пати ги повторивме познатите аргументи. Во зоната на некогаш помали, а некогаш и повеќе воочливи разлики влегуваме кога ќе се осврнеме на прашањата по кој пат, со која брзина и со каква решителност сакаме да ја оствариме таа цел“, рече Марковиќ.
Тој истакна дека предизвиците на патот кон ЕУ и во наредните години ќе бидат важна тема.
„Верувам дека Црна Гора нема да чека до 2025 година за да влезе во ЕУ. Верувам дека тоа ќе биде и порано“, истакна црногорскиот премиер.
По свеченото отворање на конференцијата, започна панел-дискусија на темата „Регионот по четири години од Берлинскиот процес“, на којашто говореа челниците на извршната власт од Западен Балкан, претседателите на владите на Црна Гора и на Македонија, Душко Марковиќ и Зоран Заев, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, потпретседателот на Владата на Србија, Расим Љајиќ...
На првиот ден од конференцијата ќе биде организирана и панел-дискусија на којашто ќе говорат црногорската министерка за наука, Сања Дамјановиќ , министерката за образование и наука на Македонија, Рената Дескоска, министерот за претприемништво и иновации на Косово, Бесим Беќај, како и претставник на Министерството за цивилни работи на БиХ.