Furkan Naci Top
02 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
АТИНА (АА) - Фуркан Наџи Топ - Групата бегалци во Атина го продолжија штрајкот со глад бидејќи се незадоволни поради неимплементирањето на програмата за спојување со семејствата што се наоѓаат во Германија, јавува Anadolu Agency (AA).
И покрај студеното време, бегалците ја поминаа ноќта во шатори, спроти зградата на Парламентот на плоштадот Синтагма во Атина. Тие порачаа дека ќе останат таму сѐ додека не добијат конкретни одговори од властите.

Бегалците истанаа дека повеќе немаат трпение, бидејќи целиот тој процес на спојување со членовите на семејствата кои се наоѓаат во другите држави, трае веќе две години.
Сириецот Мухамед Салих (56) пристигнал во Атина пред две години, со неговата сопруга и со синот. Вториот син и ќерка му се во Германија.
„Еден дел од семејството е таму, другиот тука. Го сакаме само она право што ни припаѓа. Само сакаме повторно да бидеме со семејство“, изјави Салих.
Според неговите зборови, грчките и германските официјални лица ја префрлаат едни на други одговорноста за овој проблем.
Салих изрази загриженост за децата кои се одвоени од нив.
„Што ако нешто им се случи додека ние сме тука. Сакаме да се споиме колку што е можно побрзо. Дојдовме тука бегајќи од војната, а не од задоволство. Тука ќе бидеме и ќе чекаме додека некој од официјалните лица не дојде и додека не добиеме одговор“, порача Сириецот.
И 34-годишната Сиријка Ханади Хало штрајкува со глад. Таа пред две години, со нејзините две ќерки пристигнала во Грција.
Со месеци не го видела својот сопруг и синот.
„Син ми има 13 години и ми недостига многу. Таму е без мајка. Не знаеме зошто не можеме да одиме. Оттука нема да отидеме сѐ додека не добиеме некаков одговор“, порача Хало.