Husamedin Gina
13 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за правда на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, истакна дека ИПА-проектот за поддршка на реформите во правосудниот сектор направи чекор кон понатамошно зајакнување на независноста, ефикасноста и квалитетот на работата на судиите и обвинителите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за правда, Бојан Маричиќ и амбасадорот и шеф на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, денеска со онлајн прес-конференција го презентираа проектот „Поддршка на процесот за реформа на правосудството“.
Министерот Маричиќ, истакнувајќи дека денеска се одбележува затворањето на ИПА-проектот за поддршка на реформите во правосудниот сектор, рече дека проектот директно придонесе за зајакнување на капацитетите на сите засегнати страни во правосудството.
„Ми претставува особено задоволство да се обратам на овој денешен настан со кој ја одбележуваме досегашната успешна имплементација, а воедно и затворањето на ИПА-проектот за поддршка на реформите во правосудниот сектор кој директно придонесе во спроведувањето на стратегијата за реформа на правосудниот сектор и направи чекор кон понатамошно зајакнување на независноста, ефикасноста и квалитетот на работата на судиите и обвинителите“, нагласи министерот Бојан Маричиќ.
„За нас како министерство“, рече Маричиќ, „проектот претставува мотив за да продолжиме со засилено темпо на работа и во годината пред нас.“
Потсетувајќи дека минатата година земјата ја добила новата методологија за пристапни преговори со Европската Унија, министерот Маричиќ рече дека таму јасно се дефинира важноста на поглавјето 23.: Правосудство и фундаментални права.
Амбасадорот и шеф на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, на прес-конференцијата одржана онлајн, рече дека е задоволен што денеска го заокружуваат овој проект кој е финансиран од Европската Унија.
„Прикажувањето силна политичка волја и заложби при справувањето со недостатоците во правосудниот систем е значајно за напредок во процесот на пристапување во Европската Унија“, рече шефот на делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир.
Тој исто така потсети дека во извештајот од октомври, Европската комисија го препознала добриот напредок во зајакнувањето на владеењето на правото и спроведувањето на стратегијата за реформи во правосудството.