Sevil Çelik
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (AA) – Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека минатогодишниот неуспешен обид за воен удар беше најсуровото и најголемо предавство во историјата на земјата, и порача дека предавниците сигурно ќе бидат казнети, јавува Anadolu Agency (AA).
Фондацијата за политички, економски и општествени истражувања (СЕТА) во Истанбул денес го организираше Меѓународниот симпозиум 15. јули, кој е еден од многуте собири на коишто во Турција овие денови се одбележува првата годишнина од обидот за воен удар што го изведе терористичката организација ФЕТО.
На учесниците на симпозиумот им се обрати турскиот премиер Јилдирим, кој изрази надеж дека новите генерации во Турција повеќе никогаш нема да доживеат такво предавство и обид за пуч каков што е виден минатата година.
„Генерално правило е дека државата не може да работи со оние што не ѝ се лојални. Со обединувањето на Германија, за една вечер се отпуштени половина милион државни службеници и никој не ја праша Германија зошто тоа го стори така“, рече Јилдирим и додаде дека Туција решително ќе ја продолжи борбата против терористичката организација ФЕТО.
Шефот на турската Влада, Јилдирим, порача дека предавниците во Турција во правните рамки ќе ја добијат казната што ја заслужуваат и во тоа никој не треба да се сомнева.
„Нека не ве залажуваат предавничките игри со коишто предавниците се претствуваат како жртви и оти не знаеле што прават. Нашиот народ првенствено нека мисли на нашите херои, бомбардираниот парламент, а лагите нема да ги спасат предавниците“, порача Јилдирим.
Вчера во Турција започна седумдневната манифестација „Денови на демократијата и националното единство“, со која се одбележува првата годишнина од обидот за воен удар во земјата.
Првиот ден беше резервиран за посети на гробиштата на жртвите и оддавање чест на настраданите, а програмата продолжи денес, со низа пригодни собири во цела Турција.