Admir Fazlagic
15 Септември 2016•Ажурирај: 16 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за европска политика – Скопје денес ја одржува првата конференција од проектот „Следење на владеењето за раст во областа на правдата“, од аспект на регионалната соработка, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставувајќи го проектот и иницијалната конференција, директорката на Институтот за европска политика – Скопје, Малинка Ристевска-Јорданова, рече дека се работи за тема што се повторува, а тоа е доброто владеење, односно правосудството, но овој пат од аспект на регионалната соработка.
„Ова е прв проект во којшто невладините организации се вклучуваат во следењето на регионалната агенда од областа на правдата. Според стратегијата, тоа е поинаку од она што го слушаме секој ден, покрај квалитетот и ефикасноста на судството, што е елемент којшто редовно е актуелен. Има и неколку други елементи што многу ги забораваме, а во контекст на регионалната соработка се ставаат со цел раст, а тоа е прекуграничната соработка, во извршувања, стечај и еден многу важен дел што е присутен во јавноста во последно време, а тоа е алтернативно решавање на споровите, односно медијацијата. Имаше нов закон, а сега ќе видиме како тоа се остварува“, изјави Ристевска-Јорданова.
Денешната конференција претставува почетна активност од проектот за следење на областа правда од столбот владеење за раст, од Стратегијата за Југоисточна Европа 2020, рече Дарко Малиновски од Институтот за европска политика – Скопје, и додаде дека проектот го спроведува Институтот за европска политика, а донатор е Регионалниот совет за соработка.
„Стратегијата за Југоисточна Европа 2020, на која Република Македонија е потписник, се фокусира на создавање работни места и европска перспектива преку зголемена регионална соработка. Стратегијата е поделена на пет столба; еден од нив е владеење за раст, а исполнувањето на оваа Стратегија претставува важен чекор во понатамошната евроатлантска интеграција на државите од регионот“, рече Малиновски објаснувајќи дека во областа правда, која ќе се следи со овој проект, стратегијата идентификува три приоритети.
„Трите приоритети се: квалитет, ефикасност и компетентност на судовите и судиите; судската соработка во слободен пристап до информации; прекугранична судска соработка во извршување, стечаи и преземања; и алтернативното решавање а спорови“, додаде Малиновски.
Говорејќи за деталите од проектот, тој објасни дека тој вклучува релевантни невладини организации, институции и експерти од областа на правосудството кои ќе го следат исполнувањето на овие приоритети.
„Целта на проектот е да овозможи структурирано следење на приоритетите. До крајот на декември ќе се продуцираат месечни мониторинг извештаи, ќе се одржуваат дијалози помеѓу засегнатите страни и ќе се изготват документи за јавна политика за секој од овие приоритети“, рече Малиновски.
Во однос на регионалната соработка, земјите што се вклучени во проектот се Македонија, Србија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и БиХ.