Vesna Besiç
13 Април 2017•Ажурирај: 13 Април 2017
БЕЛГРАД (AA) - Судењето на осумтемина поранешни припадници на специјалните единици на МВР на Република Српска, за воено злосторство над цивилите во Кравица кај Братунац, Босна и Херцеговина, продолжува денес на Одделот за воени злосторства на Вишиот суд во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Судењето на 20. март беше одложено за 13. април, поради тоа што еден од обвинетите не се појави на рочиштето.
Судењето започна на 6. февруари, а обвинетите Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливој Батиниќ, Александар Дацевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ, со обвинение на Обвинителството за воени злосторства на Србија се товарат за кривичното дело воено злосторство против цивилното население во соучество.
Тие се обвинети дека на 14. јули 1995 година, во хангар на земјоделската задруга Кравица, општина Братунац, извршиле воено злосторство над најмалку 1.313 бошњачки цивили.
Во обвинението е наведено: „Недељко Милидраговиќ, како командант на 2. вод на 1.чета на Центарот за обука 'Јахорина' на Специјалната бригада на полицијата на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Боро Милетиќ, Јован Петровиќ и Драгомир Паровиќ, како припадници на тој вод, а Алекса Голијанин и Видосав Васиќ, како припадници на 1. вод на 1. чета на Центарот 'Јахорина', кршејќи ги правилата на меѓународното право, во хангарот, пред него и во непосредната околина на хангарот на земјоделската задруга во селото Кравица, општина Братунац, извршија убиства над цивили, односно масовна ликвидација на повеќе стотици цивили, машки, босански муслимани“.
Обвинетите се бранат од слобода, а на подготвителното рочиште се изјаснија дека не се виновни.
- Семејствата секоја година го посетуваат губилиштето во Кравица
Мајките, жените, ќерките, пријателите и роднините во последните години го посетуваат објектот на Земјоделската задруга во Кравица, каде што оддаваат почест на убиените членови на семејствата. Една од нив е и Васвија Кадиќ, која тука го загуби татка си и тројца браќа.
„Убиени се моите тројца браќа. Еден беше женет и доби ќерка, а ниту знаеше. Сите ги закопавме пред две години. Од најмладиот закопавме само три коски“, раскажа Васвија во разговор за АА.
Шухра Малиќ во изминатите години доаѓаше во Кравица во инвалидска количка, да се помоли и да положи цвеќе на местото каде што е убиен синот Фуад.
„Доаѓав, и ќе доаѓам“, порача Малиќ, која во геноцидот во Сребреница ги загуби двајцата синови. Таа истакна дека и во иднина ќе ги посетува местата на кои се убиени нејзините синови, бидејќи нејзиниот живот и е онака уништен без нив.
- Убиени се меѓу 1.000 и 1.500 мажи
Во 1995 година, во Кравица е убиен мажот и деверот на Рамиза Гурдиќ.
„Мажот го најдов во Јадро, без дланки и стапала. На Брањево е застрелан мојот син Мустафа (1975)“, вели Гурдиќ, која загубила уште два сина.
Во јули 1995 година, припадниците на воените и полициските сили на РС во просториите на Земјоделската задруга во селото Кравица, според сведочењата на преживеаните пред Хашкиот трибунал, стрелаа повеќе од илјада бошњачки момчиња и мажи.
На тој 13. јули 1995 година, во попладневните часови, меѓу 1.000 и 1.500 мажи се изведени од колоната што се обиде да продре до слободната територија, преку шумите во околината на Сребреница, до Тузла, за да ги спасат своите животи. Тие беа одведени во складиштето во Кравица, каде што луѓето што беа заробени внатре беа убиени со рачни бомби и со автоматско оружје.