Admir Fazlagic
24 Октомври 2020•Ажурирај: 25 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Лидерот на политичката партија Сојузот на Ромите и поранешен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, Амди Бајрам, утрово почина на 64-годишна возраст, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата за смртта на Бајрам ја соопштија од партијата Сојзуот на Ромите од Македонија (СРМ).
„Со длабоко жалење, ги известуваме сите членови и симпатизери на најголемата ромска партија СРМ, дека лидерот и претседателот на партијата Амди Бајрам, почина на 64 годишна возраст поради компликации со срцето. Болката е длабока на сите но најмногу на семејството Бајрам. Ромската заедница изгуби голем лидер и вистински штитеник", се вели во објавата на СРМ споделена на нивната официјалната Фејсбук страница.
Министерството за здравство на Северна Македонија преку писмено соопштение информира дека „откако кај починатиот Амди Бајрам постмортем е утврдено дека истиот бил позитивен на Ковид-19, Центарот за јавно здравје-Скопје ги презема сите мерки за заштита и спречување на понатамошно ширење на инфекцијата во и вон неговото семејство и сите оние кои во изминатиот период имале интензивни и блиски контакти со починатиот."
„Амди Бајрам бил донесен во приватна болница во веќе егзитирана состојба. На починатиот му бил земен брис, а резултатот потврдил присуство на вирусот Ковид-19", се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Амди Бајрам е роден во Скопје во 1956 година и има завршено средно трговско училиште. Првпат станува пратеник во 1994 година, како член на Партијата за целосна еманципација на Ромите. По две години го основа Сојузот на Ромите и беше негов претседател.
Бајрам беше пратеник до јули 2020 година.