Admir Fazlagic
18 Септември 2020•Ажурирај: 19 Септември 2020
СКОПЈЕ
Врховниот суд на Република Северна Македонија ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје и ги одби барањата за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од поранешниот македонски премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Врховниот суд на Република Северна Македонија преку соопштение ја информираше јавноста дека на 17 септември 2020 година, одлучи по предметите во врска со поранешните државни функционери. Се работи за предмети кои се оформени по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски.
„Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје", објави Врховниот суд во писмено соопштение.
За предметот „Тенк“ поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски беше осуден на две години затвор за примање награда за противзаконито влијание за набавката на луксузен „мерцедес“ , поранешната министерка за внатрешни работи доби казна затвор во траење од четири години, а поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски беше осуден на шест години и шест месеци за злоупотреба на службена должност и овластување.
Во ноември 2018 година поранешниот македонски премиер Груевски на социјалните мрежи објави дека Унгарија позитивно одговорила на неговото барање за добивање политички азил.