Балкан

Џафери се состана со албанскиот министер за надворешни работи Гент Цакај

- Во соопштението на Собранието на Северна Македонија се вели дека Џафери се заблагодари на Албанија што беше трета земја членка на Алијансата што го ратификуваше Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.

Furkan Abdula  | 18.09.2020 - Обновена : 19.09.2020
Џафери се состана со албанскиот министер за надворешни работи Гент Цакај

СКОПЈЕ

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше средба со Гент Цакај, овластен министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, кој се наоѓа во официјална посета на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во соопштението на Собранието на Северна Македонија се вели дека Џафери се заблагодари на Албанија што беше трета земја членка на Алијансата што го ратификуваше Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.

„Тој го запозна министерот со претстојните работни активности на Собранието, како што е разгледувањето на повеќе законски измени наметнати од пандемијата со Ковид-19, потоа активностите сврзани со европската агенда и отворањето на првите поглавја кон крајот на оваа година. Покрај тоа, го извести и за заокружувањето на функционалноста на Собранието со формирање на делегациите за мултилатерална соработка и на групите за билатерална соработка“, се нагласува во соопштението.

Според ова соопштение, Џафери изрази задоволство од заедничкиот интерес и иницијатива за склучување билатерален договор за поедноставување на граничните процедури (едношалтерски систем) за патници и возила на граничниот премин „Ќафасан“ и изрази поддршка за сите проекти кои се во прилог на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Албанија во рамките на ИПА 2 - Програмата за прекугранична соработка, како што е изградбата на патна, енергетска и железничка инфраструктура во рамките на Коридорот 8.

„Претседателот Џафери ја поздрави посветеноста на Албанија во рамките на претседавањето со ОБСЕ, во услови кога Европа се справува со сериозни закани за нејзината безбедност и последици врз демократските текови“, се вели во соопштението.

Се истакнува дека албанскиот министер Цакај му го честиташе реизборот на претседателот Џафери и го поздрави формирањето на Владата и функционалноста на Собранието. Тој ја нагласи подготвеноста на Албанија за натамошно унапредување на севкупната соработка, како и интензивирањето на соработката меѓу двете пријателски земји.

„Соговорниците разменија мислења и за регионалната соработка која е клучна за европската перспектива и стабилноста на нашиот регион, а остварувањето на заедничката стратешка цел за членство во ЕУ и во таа насока, напорите за формално започнување на преговорите за членство до крајот на оваа година, ги подвлекоа како главен приоритет на двете земји“, се додава во соопштението на Собранието на Северна Македонија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.