Furkan Abdula
18 Септември 2020•Ажурирај: 19 Септември 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Гент Цакај, министер за Европа и надворешни работи на Албанија, кој се наоѓа во официјална посета на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, Цакај бил придружуван од албанскиот амбасадор во земјава, Фатос Река.
Се истакнува дека на средбата се изразени честитки за повторното именување на премиерот Заев на премиерската позиција, како и за изборот на новата Влада во Северна Македонија, во што се гледа потврда на определбите на граѓаните и државата кон евроатлантските интеграции.
„Премиерот Заев се заблагодари за честитките и упати поздрави до премиерот Еди Рама и до Владата на Албанија“, се вели во соопштението, и се додава:
„Заеднички е констатирано дека двете држави немаат отворени прашања и дека тоа отвора пат да се употреби целиот потенцијал од областите значајни за граѓаните, како што се инфраструктурата, енергетиката, економијата, со цел подобрување на квалитетот на живот во двете држави.“
Во соопштението се наведува дека во таа насока е разговарано и за можноста за одржување меѓувладина седница.
„Наша цел е европеизација на државата и економски развој. Формиравме стабилна Влада и сме насочени кон зајакнување на капацитетите на системот, особено низ образованието и владеењето на правото. Имаме големи успеси зад нас, тоа се договорите со Бугарија и со Грција, градиме во државата „Едно општество за сите“, еднакво за сите граѓани и сево ова овозможи во овој мандат да се посветиме на напредок дома, во сите области од полза на секојдневниот живот на граѓаните“, истакна Заев, се нагласува во соопштението.
Според соопштеното, на состанокот е заеднички констатирано дека на регионот му се потребни стабилност и засилен економски развој и дека е во заеднички интерес решавање на сите билатерални прашања низ дијалог, каков што е примерот што го даде Северна Македонија низ добрососедските односи, со цел евроатлантски перспективи на целиот Западен Балкан.