Ivana Ramadanova
10 Јуни 2016•Ажурирај: 11 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски денеска се одзва на поканата и пристигна на распит во Кривичниот суд во Скопје, како осомничен во случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), пренесува Anadolu Agency (AA).
По распитот Груевски за медиумите изјави дека не се чувствува виновен и дека дека сите овие случувања биле нарачка на неговиот опозициски противник.
„Денеска бев повикан во Судот затоа што Катица Јанева изразила некаков сомнеж дека ќе ја напуштам земјата и дека нема да се појавувам во неа. Не знам дали некој во државата верува во такво нешто дека ќе ја напуштам земјата и нема да се појавувам, но како и да е се гледа дека СЈО прави чекори коишто се нарачани и дека тоа веројатно го посакува да се случи нивниот нарачател којшто во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови. Свесен е за својот политички рејтинг, свесен е за големата неподдршка што ја има од страна на граѓаните, свесен е дека изборите наближуваат и дека нема да може уште долго да ги одолговлекува и преку контролата што ја има врз луѓето во СЈО се обидува да ги изрелативизира работите и да се обиде преку вакви апсурдни покани во Судот мене и моите соработници да не прикаже исти или слични како него", изјави Груевски.
Груевски додаде дека може да се очекува во следниот период за разни апсурдни причини, него и неговите соработници да ги повикуваат во судот.
Кривичниот суд во текот на денешниот ден соопшти дека СЈО вчера доставило пет предлози за определување мерки за обезбедување присуство. Сите предлози се распоредени кај судии на претходна постапка кои во текот на денешниот ден ќе постапуваат по нив, а лицата се повикани во судот.
Во судот попладнево дојде и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, кој исто така е осомничен во случајот „ТНТ“.