Admir Fazlagic
29 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Кривичниот суд во Скопје објави соопштение во коешто се наведува дека се изречени 13 мерки притвор од по 30 дена и 6 мерки куќен притвор за вчера приведените 24 лица, кои Основното јавно обвинителство на Република Македонија (ОЈО) ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата“, во врска со настаните во Собранието на 27 април годинава, пренесува Anadolu Agency (AA).
Постапувајќи по предлог на ОЈО за организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 - Скопје во текот на вчерашниот ден беа спроведени 24 лица, за кои по нивното произнесување во однос на предлогот на обвинителството, донесени се решенија со коишто за 13 лица судијата на претходна постапка го прифати предлогот и им определи мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Кривичниот суд.
Меѓу 13-те лица на кои им е одреден 30-дневен притвор е и поранешниот министер за внатрешни работи на Република Македонија, Митко Чавков.
На други 6 лица, судот им определи мерка куќен притвор.
Од кривичниот суд наведуваат дека против овие неправосилни решенија, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд, во рок од 24 часа по приемот на решенијата.
„За лицата кои се опфатени во предлогот, а во моментот извршуваат функција пратеник во Собранието на РМ, судијата на претходна постапка ќе пристапи кон одлучување по предлогот на обвинителството откако ќе биде одлучено по барањето на судот испратено до претседателот на Собранието на РМ, додека за останатите лица кои се опфатени во предлогот, а не беа спроведени пред судијата на претходна постапка, судот сѐ уште нема добиено известие за причините поради кои не е постапено по наредбите за нивно приведување“, стои во соопштението на судот.
Пратеници кои беа приведени вчера во текот на вечерта и ноќта си заминаа од судот и за нив се чека одговор од Собранието на Република Македонија, поради барањето на судот за одземање на пратеничкиот имунитет.
- Реакции по приведувањата
Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во своето вчерашно обраќање до јавноста порача дека „за политичкото, како и за физичкото насилство мора да има одговорност“, а исто така рече и дека ја поддржувал и ќе ја поддржува граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Во знак на револт поради приведувањата, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ вчера организираше протест на којшто се собраа стотина граѓани кои бараа ослободување на приведените лица.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во своето обраќање до јавноста побара итно ослободување на приведените лица.