Admir Fazlagic
16 Октомври 2016•Ажурирај: 17 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Дојде времето за избори и дојде времето да го слушнат гласот на народот. Гласот кој долго време го игнорираа, го потценија, го исмеваа. Народот кој памети е мудар и добро знае што е што, што точно се случуваше, и која е крајната цел", истакна во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешниот партиски собир во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање кон присутните порача дека „ дојде време за почеток на крајот на кризата."
„Дојдовме до тоа што долго време го чекаа македонските граѓани, дојдовме до посакуваната цел, која треба да значи почеток на крајот на кризата, дојде време за одговорот кој граѓаните им го спремаат веќе две години. Откако ја воведоа државата во невидена криза и на работ на внатреетнички, но и можност за меѓуетнички конфликт, посакуваа крвопролевање, сакаа да не закрват до крај за да може без волјата на народот да дојдат на власт, затоа што така смислиле, но силата и мудроста на овој народ е многупати низ историјата докажувана, трпението на овој народ е неговата најсилна доблест, иако многумина го сметаат за хендикеп" рече Груевски.
Меѓу другото, Груевски додаде дека народ дојде до посакуваната цел - изборите и ставањето крај на политичката криза.
„Моментот кога власта се враќа кај него и тој одлучува на кого ќе даде доверба да го води, кој може да ги решава неговите секојдневни проблеми, кој може да направи подобро за народот и државата, кој нема да ги изневери и кој ќе го чува нивниот грб. Време е за крај на кризата. Време е конечно целосно да почнеме да се фокусираме со сето внимание на реалните проблеми на граѓаните. Да говориме за економијата. За новите работни места, за земјоделците и нивните проблеми, за образованието, здравството, инфраструктурата, за напредокот во секој поглед и во секој сегмент, за новите перспективи на земјата и сите граѓани, нови можности и шанси, за нови инвестиции", порача Груевски.