Vesna Besiç
16 Октомври 2016•Ажурирај: 16 Октомври 2016
ПОДГОРИЦА (АА) – Во Црна Гора вечерва во 20 часот се затворени изборните места на кои гласачите гласаа на четвртите по ред парламентарни избори од обновата на независноста, јавува Anadolu Agency (AA).
На парламентарните избори во Црна Гора до 18 часот гласаа 65,5 отсто од запишаните гласачи, соопшти Центарот за демократска транзиција. Во Црна Гора изборните места беа отворени утрово од седум часот, а право на глас на изборите имаа 528.817 граѓани на Црна Гора, кои избираа помеѓу 17 листи, колку и што се пријавени.
За влез во црногорскиот парламент кој брои 81 пратеничко место, пријавени се 1.129 кандидати. Изборите во Црна Гора ги одбележија неправилности, но и инциденти кои се случија на одредени изборни места. Така, на шест изборни места во Рожаје дојде до судири и приведување на десетина лица во текот на одржување на парламентарните избори во Црна Гора.
„Случувањата на шесте изборни места во Рожаје претставуваат најголемо нарушување на изборната процедура во текот на денешниот ден. Набљудувачките на ЦЕМИ известија за масовни судири на шест изборни места во Рожаје. Во среде тепачка е прекинато гласањето", истакна Марко Савиќ од Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ).
Исто така, главна вест која ги одбележа денешните парламентарни избори во Црна Гора е и апсењето на 20 лица од Србија додека по едно лице се трага, а поради сомнеж дека на територија на Црна Гора извршиле кривично дело создавање на криминална организација и тероризам.
Тие, како што се сомнева, влегле во Црна Гора и имале намера првин да преземат автоматско оружје а потоа вечерва да извршат напади на институциите на системот, полицијата и претставниците на државните органи, не исклучувајќи ја можноста за напади на високи државни функционери.
Меѓу уапсените е и Братислав Дикиќ, некогашен шеф на Жандармерија во Србија.