Admir Fazlagic
30 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Поради отсуство на еден од бранителите на обвинетите во случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, беше одложена денешната јавна седница на Врховниот суд на којашто требаше да се разгледуваат жалбите за доживотните казни затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јавната седница за предметот оформен по жалба против пресудата донесена од Апелацискиот суд Скопје, а во врска со убиството кај Смилковско Езеро, се одложи поради непостоење процесни претпоставки за одржување на јавната седница, поради неприсуство на еден од бранителите на обвинетите“, информираа од Врховниот суд.
Пред одложувањето, јавниот обвинител од Јавното обвинителство на Република Македонија, Лилјана Спасовска, побара од судот и од судијата известител да ја одложат јавната седница на подолго време и како нивна обврска од Законот за кривична постапка да ги прибават доказите и новите факти од Специјалното јавно обвинителство, за кои, како што рече таа, подолго време се зборува во јавноста, со цел целосно да се анализира предметот и да се утврди дали новите околности ќе влијаат на конечната пресуда.
„На денешната јавна седница, откако претседателот на Советот ја одложи седницата за 9 јуни, побарав да постапат согласно член 361, став 4 од Законот за кривичната постапка, а тоа е ситуација кога за некој предмет во жалбената постапка ќе се појават нови факти. Тогаш судијата известител побарува од тие органи, државни или правни лица или институции што ги поседуваат тие факти, да ги прибави списите или извештаите поврзани со тие нови факти“, рече Спасовска.
Асмир Алиспахиќ, адвокатот на одбраната, во изјава за медиумите рече дека денес не постоеја законски претпоставки за одржување на јавната расправа бидејќи немаше уредна достава на адвокатот Насер Рауфи кој брани четворица од обвинетите.
„Моето барање беше да се одложи на подолг временски период. Нешто од тоа беше поддржано и од страна на обвинителството, кое патем се повика на членот 361 од Законот за кривичната постапка, а тоа е судот да се обрати до надлежните институции, конкретно до СЈО, за прибавување на доказите коишто целата јавност знае дека СЈО ги најави“, изјави адвокатот Алиспахиќ.
„Крајно време беше обвинителството разумно да се произнесе по повод овој случај бидејќи има нови факти што тие ги знаат и мислам дека почнаа да размислуваат законски, а не емотивно“, изјави Бедри Ајдари, брат на Фејзи Азири и двајца други обвинети во случајот „Монструм“.
На 12 април 2012 година, кај Смилковското Езеро беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани ‒ Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.
За петкратното убиство во случајот „Мострум“, доживотна казна затвор им е изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда, поради „немање цврсти докази за утврдување вина“.