Andelija Stojkovic
30 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот премиер, Александар Вучиќ, денес изјави дека како претседател на државата ќе вложи големи напори за зачувување на добрите односи во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Односите во регионот денес ги карактеризираат две нешта - има многу тензии, но и по толку години јасно се изразени проблемите, не ги туркаме под тепих, како некогаш во минатото. Барем едни со други не се лажеме. Верувам дека со Босна и Херцеговина успеавме да изградиме одреден вид на доверба, јас не мислам дека односите се идеални“, рече Вучиќ и додаде дека Србија има добри односи и со Македонија и со Црна Гора.
Тој во последното обраќање на новинарите од функцијата премиер на Србија, бидејќи утре во Народното собрание ќе положи заклетва како новоизбран претседател, изјави дека односите со Приштина се најкомплицираните, бидејќи на Белград му претстојат тешки разговори.
- Подобро да се разговара -
„Но подобро е да разговараме, отколку да не разговараме“, рече Вучиќ.
Запрашан во врска со наводите за создавање на „Голема Албанија“ која би го опфатила и јужниот дел на Србија, тој рече дека Србија никогаш нема да дозволи таа цел да се оствари.
„Кога нешто ќе повторите милион пати тоа значи дека тоа ви е целта. Ќе дадеме сѐ од себе таа цел да не ја остварат“, рече Вучиќ.
Европската Унија, како што рече, е стратешкиот пат за Србија и додаде дека знае оти на луѓето им е сеедно колку поглавја се отворени.
„Уверен сум дека во надворешната политика ќе продолжиме по европскиот пат и ќе ги чуваме традиционалните пријатели, во наредните месеци очекуваме да се отворат нови поглавја на нашиот европски пат“, рече Вучиќ.
Тој потсети дека предложил формирање на регионална економска унија затоа што според него треба да се направи раст во регионот, со што би се обезбедил подобар живот за граѓаните кои тогаш нема да се грижат за тоа кога ќе влезат во ЕУ.
Тој рече дека и репутацијата на Србија во светот значително се зголемила, но дека сѐ уште не е задоволен, и оти е потребно државата повеќе да работи со цел да добие поширока поддршка од меѓународната заедница и да ги развие и унапреди односите со Кина, Русија и со САД.
- Нов премиер до 20 јуни -
Вучиќ кажа дека сѐ уште не го избрал својот наследник на местото премиер и оти името на новиот премиер ќе биде познато до 20 јуни, поточно дека составот на новата Влада ќе биде пред пратениците на српскиот Парламент меѓу 12 и 18 јуни.
Тој оцени и дека како премиер својата работа ја извршувал во најдобар интерес за државата и за граѓаните, и порача дека ќе даде сѐ од себе да ѝ помогне на новата Влада.
Во текот на својот говор тој најмногу се осврна на економските резултати и рече дека на својот наследник му ја остава државната каса во добра состојба.
Вучиќ додаде дека на крајот на мај буџетскиот суфицит изнесува девет или 10 милијарди динари, и дека на крајот на првата половина од годината, наместо очекуваниот дефицит од 700 милиони динари, ќе биде во плус од 100 милиони евра, а можеби и повеќе.
Тој истакна и дека јавниот долг на Србија, кој сега изнесува 67,1 отсто од БДП, кон средината на 2019 година ќе биде помал од 60 отсто.