Sanja Janackovic
09 Февруари 2019•Ажурирај: 10 Февруари 2019
НИШ (АА) - За само 5 дена, од 2 до 6 февруари, во српскиот град Ниш, поради компликации предизвикани од грип починаа 3 лица. Дополнително е објавено дека во овој град, од компликации предизвикани од вирусот на грип, во текот на ноќта починале уште 2 лица, со што бројот на жртви во Ниш порасна на 5 лица.
Во Ниш на 2 февруари почина 27-годишна девојка која не била хронично болна. Пред инфекцијата била потполно здрава, а на Инфективната клиника е примена со воспаление на белите дробови и висока температура. Поради нејзиниот случај, Итната помош во Ниш, на која оваа девојка повеќепати ѝ се јавувала, ја посети вонредната инспекција на Министерството за здравство на Србија, а извештајот се очекува.
Два дена подоцна, на Инфективната клиника во Ниш, животот го загуби и 62-годишен маж кој бил хронично болен, а на 6 февруари почина 44-годишна жена која боледувала од дијабетес.
Во Клиничкиот центар во Ниш се сместени 32 заболени од грип, од кои 11-мина се во животна опасност. Се наведува дека меѓу заболените, 8 се деца со клиничка слика на оваа болест, додека 11-те лица дишат со помош на респиратор. Од Клиничкиот центар информираат дека сите пациенти „имаат стабилна здравствена состојба“.
Вчера е прогласена епидемија на грип на територијата на Ниш, бидејќи во градот се регистрирани 3.800 случаи на симптоми слични на грип, што е двојно повеќе во однос на претходната недела.
Како и во болниците низ цела Србија, од оваа недела и во Ниш се забранети посетите во Клиничкиот центар.
Најдобар начин на превенција, според лекарите е вакцинирање.
„Вакцинирањето го започнавме во текот на октомври и најголемиот интензитет на вакцинирање е завршен во декември, што е навремено, бидејќи е потребен период од 2 до 3 недели за да може организмот да развие доволен имунитет против грипот“, изјави началничката на нишкиот Здравствен дом, д-р Даниела Цветковиќ. Таа предупреди дека грипот вообичаено почнува нагло - истакнувајќи дека од контакт со плунка на лице заразено со вирусот на грип можат да минат од 24 до 48 часа, по што се покажуваат првите симптоми.
„Во почетокот тоа е висока температура, сува кашлица, главоболка, болки во мускулите, течење на носот, болки во грлото и слично. Разликата во однос на обичната настинка е тоа што вирусот на грип го напаѓа целиот организам“, објаснува д-р Цветковиќ.
Таа истакна дека за да се сузбие ширењето на инфекцијата, заболените треба да останат дома и да користат хируршка маска, а здравите лица треба да го зајакнуваат својот имунитет со одмор и правилна исхрана, избегнувајќи ги собирите во затворени простории.
Кај поголемиот број заболени, грипот минува без последици, но загрозени се хроничните болни. Најопасни можни компликации, според нејзините зборови се воспаление на белите дробови, миокардитис или перикардитис, кога ситуацијата се смета за опасна и пациентите се сместуваат во болница.
Од почетокот на сезоната на грип, во Србија, од овој вирус починаа 11 лица. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во оваа земја од грип се заболени повеќе од 68.000 лица, а досега епидемијата е прогласена во Пирот и Ужице.