Dejan Maksimovic
02 Август 2017•Ажурирај: 03 Август 2017
ПОДГОРИЦА (АА) - Мајк Пенс, потпретседателот на САД, изјави дека неговата земја ќе поддржи секоја од земјите на Западен Балкан заедно да дојдат до подобра иднина. Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп го пратил лично да ја покаже приврзаноста на САД кон Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
Пенс на отворањето на Самитот на Јадранската повелба истакна дека му е чест што е првиот американски потпретседател што ја посетил Црна Гора, и му честита на премиерот Душко Марковиќ и неговата земја на неодамнешниот влез во НАТО пактот.
„Западен Балкан ја покажува разновидноста на западната цивилизација. Тоа е прекрасен музеј на народи од кои секој има сопствена историја, култура, јазик и традиција и сите заслужуваат да бидат негувани, славени и заштитени. Јадранската повелба игра значајна улога во собирање на Западен Балкан со Европа и сојузништво со НАТО, и под водство на претседателот Трамп, САД ќе продолжи да ја поддржува секоја од вас во настојувањата заедно да дојдете до оваа иднина”, изјави Пенс.
Тој додаде дека Јадранската повелба е сведоштво на приврзаноста на САД со Западен Балкан и неговото единство.
„Пристапот на Црна Гора во НАТО докажува дека НАТО ги отворил вратите и дека тие секогаш ќе бидат отворени за оние европски земји кои ги делат нашите вредности и придонесуваат за заедничката одбрана. Дозволете ми да ве уверам дека Америка ќе продолжи да стои со вас и заеднички да тежнеат кон вашата европска вредност, без разлика дали тоа е влез во НАТО или ЕУ, бидејќи секој од тие патишта води кон посилна Европа”, нагласи Пенс.
Американскиот потпретседател истакна дека Трамп неодамна ги повикал сите партнери и пријатели во Европа заедно да ја негуваат и обноват приврзаноста кон слободата.
„Вие, водичот на овој регион, ќе имате денови и месеци да ја потврдите вашата приврзаност. Ова е голем момент кој пружа можност за секоја од вашите земји, бидејќи буквално секоја од вас неодамна одржа фер национални избори, а резултатот беше одраз на волјата на вашите народи. Припаѓате на нова генерација на балкански водачи, тоа е историски момент на прогресот за Западен Балкан и ве поттикнувам да го искористите овој момент на најдобар начин. Ќе имате можност да ги решите сите проблеми во минатото и да ги обедините народите од различни мината, потекла и уверенија, заедно во настојување да постигнете заедничко добро. Можете да ја зајакнете вашата економија, да го отворите патот кон просперитетот низ реформи, да се пресметате со корупцијата и да изградите одговорна и транспарентна влада и да ги остварите најголемите аспирации на вашите народи, да изградите доверба меѓу оние кои инвестираа во иднината. Задачата пред вас бара храброст. Вашите граѓани ви дадоа доверба и веруваат во вашата способност да им помогнете и да ги реализирате нивните соништа и просперитет, и мирна иднина”, изјави Пенс.
Она што посебно го издвои е фактот дека САД и под раководство на претседателот Трамп ќе продолжи и понатаму да го поддржува Западен Балкан, кој презема чекори кон добрата власт и реформите, кон Дејтонскиот договор и принципите кои тој ги претставува, и дијалогот меѓу Србија и Косово со цел во потполност да се нормализираат односите меѓу тие две земји.
Пенс потоа се осврна на заканите на денешницата, на кои според неговите зборови сите заедно треба да се спротивстават. Тој го издвои ДЕАШ како глобален непријател број еден, потоа Николас Мадуро и неговата диктатура во Венецуела, Северна Кореја и Иран, како ракетни закани на нивните режими, и Русија која, како што рече, се обидува да исцрта нови граници со сила.
„Тука, на Западен Балкан, Русија настојуваше да го дестабилизира регионот, да ја поткопа демократијата и да ве подели меѓусебно и остатокот од Европа”, нагласи Пенс.
Американскиот потпретседател најави скоро потпишуање на законот за новите санкции кон Русија.
Јадранската повелба е основана од Македонија, Албанија, Хрватска и САД со цел да им се помогне на земјите кои сакаа да се придружат кон НАТО. Повелбата, чиј официјален назив е Повелба на партнерство меѓу Македонија, Албанија, Хрватска и САД, е потпишана во мај 2003 година во Тирана. Црна Гора и БиХ официјално се придружија во 2008 година, додека Србија доби статус на набљудувач.
Домаќини на Самитот во Подгорица се Црна Гора и Македонија, а присуствуваат и лидерите на БиХ, Албанија, Хрватска, Косово, Србија и Словенија.