СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во својство на кодомаќин се обрати на Самитот на земјите-членки на Јадранската повелба, што денес се одржува во Подгорица, на кој учествува и потпретседателот на САД, Мајк Пенс, јавува Anadlu Agency (AA).
Премиерот Заев во своето обраќање пред премиерите од регионот и нивните делегации порача дека Јадранската повелба испраќа силна регионална порака до НАТО и до светот.
„Членството во НАТО е нашата заедничка иднина. Интеграциите во НАТО бараат од нас меѓусебна соработка. Бараат политики на мостови, бараат зрели политички раководства кои имаат чувство за тоа што им е потребно на граѓаните на нашите држави. Бараат одговорност за регионална и глобална безбедност. Бараат свесност од наша страна како поединци кои имаат чест да ги предводат државите, и како држави да придонесуваат кон светскиот мир. Со нашето присуство овде, на самитот на членките на Јадранската повелба, ние велиме: 'Да подготвени сме да соработуваме во интерес на нашите држави, и низ интеграциски процеси да го донесеме регионот до неговиот дом, до големото семејство на НАТО'”, рече Заев.
Тој истакна дека членството на Црна Гора во НАТО е охрабрувачка порака на Алијансата, дека вратите се отворени за сите што ќе се издигнат над сопствените предизвици и ќе покажат дека можат да придонесувааат за колективините потреби и за сопствените граѓани.
Заев порача дека интеграциите на Република Македонија во НАТО и во ЕУ се стратешки цели за земјата чијшто премиер е тој. Потсети на активностите кои новата македонска влада ги презема со цел унапредување на добрососедските односи.
Упати благодарност до САД, за како што рече, постојаната соработка која што многу значи за демократските интеграциски процеси на Македонија, а и воопшто на регионот.
„Тоа што со нас денеска седи и соработува потпретседателот на САД, покажува каков верен стратешки партнер имаат Македонија и земјите од регионот во САД и во НАТО, затоа најавувам дека ќе продолжиме како држава да бидеме активен партнер во мисиите на НАТО и активно да придонесуваме кон безбедноста. Република Македонија ќе го зголеми буџетот за безбедноста и ќе го зголеми учеството во мисиите на НАТО. Исто така, ќе ги интензивираме односите со земјите од Јадранската повелба. Свесни сме дека регионот, во овој мал дел од светот во којшто припаѓаме, е стратешки важен за регионалната и глобалната безбедност и стабилност. Ова треба да нѐ охрабри и не смее да нѐ плаши. Да работиме напорно и да покажеме дека силата е во волјата и ангажираноста, а не во тоа колку сме големи или мали како држави“, потенцираше македонскиот премиер.
Порака дека Јадранската повелба е можност заедно да се дискутира за заедничките интеграциски, безбедносни и други предизвици за регионална соработка, и да се направи активно партнерство во овие процеси.
„Република Македонија е почестена што може да претседава со Самитот на земјите-членки на Јадранската повелба и да биде кодомаќин со Црна Гора. Ја имаме шансата да покажеме дека ние сме генерација политичари со позитивен дух и со отворен ум, за потребите од нов начин на управување и убеден сум дека ќе одговориме достоинствено на честа и одговорноста доверена од граѓаните на нашите држави“, порача Заев во своето излагање.
Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, изјави дека одржувањето на Самитот на Јадранската повелба во Подгорица е голем и важен ден за Црна Гора, како и дека тоа е важен ден и за Македонија, претседавајќи со Повелбата.
„Потпретседателe Пенс, вие сте највисок претставник на САД во историјата на односите со Црна Гора кој нѐ посетува. Тоа е потврда на односите и соработката на двете земји. Благодарни сме за поддршката на САД кон Црна Гора за остварување на стратешката цел на зачленување во НАТО. Тоа е пошироко значење, за целиот регион, и доказ на цврстината и трајноста на перспективата на Западен Балкан”, наведе Марковиќ.
Доказот на партнерството, изјави Марковиќ, се отчитува и со ангажирањето во рамките на 14-годишното членство во Повелбата, во овој момент да се дејствува заеднички во Авганистан, во мисијата.
„Ние сакаме да го дадеме својот придонес на регионалниот и глобалниот мир и безбедноста. Свесни сме за предизвиците и како нова членка на трансатлантската заедница. Нашите предизвици се заеднички, нема едноставни и самостални успеси, без колективни одговори”, изјави Марковиќ.
Тој истакна дека членството на Црна Гора во НАТО не е само по себе, туку за Црна Гора е природно и историско, и претставува нејзина потреба.
По обраќањата на македонскиот премиер Заев и црногорскиот премиер Душко Марковиќ, се обрати и потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
На самитот Македонија ја претставува премиерот Зоран Заев, a учествуваат и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи: Србија, со премиерката Ана Брнабиќ, Косово со претседателот Хашим Тачи и Словенија со премиерот Миро Церар.
Во составот на делегацијата на Република Македонија се и заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем, Хазби Лика, министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратеникот Стево Пендаровски.
Македонија, заедно со Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина е членка на Јадранската повелба (Адриатик Чартер), а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата.
Групата Јадранска повелба е формирана под покровителство на САД во 2003 година и има за цел да ги координира активностите за поддршка на земјите аспиранти за членство во НАТО.