Furkan Abdula
16 Ноември 2022•Ажурирај: 17 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја прими на средба државната секретарка за Европа на Франција, Лоранс Бун, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на претседателскиот Кабинет, на средбата биле истакнати пријателството и напредокот на односите меѓу двете држави и вложените француски напори за отворање на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ).

„Претседателот Пендаровски, изразувајќи подготвеност за натамошно продолжување на интензивниот политички дијалог на високо ниво, се заблагодари за поддршката од Франција во поглед на нашите европски интеграции, како и за фокусот на билатералната соработка, при што беше поздравено неодамнешното потпишување на Договорот за зајакнување на соработката во одбраната“, се наведува во соопштението.
Соговорниците разговараа за преговорите за членство во ЕУ, тековниот скрининг-процес, како и за следните фази кои треба да се комплетираат како дел од процесот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
Инаку, Бун во текот на денот се сретна и со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.