Stipe Majic
16 Ноември 2022•Ажурирај: 17 Ноември 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Со свечен прием во Кабинетот на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, започна дводневната официјална посета на шпанскиот крал Филип Шести и кралицата Летиција во Република Хрватска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шпанскиот крал Филип Шести и кралицата Летиција ќе престојуваат во официјална посета на Република Хрватска денеска и утре, 16 и 17 ноември 2022 година, што ќе биде прва официјална посета на шпански монарси на Хрватска.
Домаќини на кралот и кралицата на Шпанија ќе бидат претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ и неговата сопруга Сања Мусиќ Милановиќ.

По свечениот пречек во Кабинетот на претседателот на Републиката беше остварена билатерална средба меѓу двете делегации.
Шпанскиот крал и кралицата престојуваат во официјална посета на Хрватска во годината кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Хрватска и Кралството Шпанија, со цел да се потврдат исклучително добрите меѓудржавни односи и да се поттикнат за нивен понатамошен развој.
На вториот ден од посетата ќе се одржи Хрватско-шпанскиот форум ИФМИФ-ДОНЕС, на кој ќе учествуваат претседателот Милановиќ и кралот Филип Шести, а на кој е предвидено и потпишување на Меморандум за разбирање меѓу Министерството за наука и образование на Република Хрватска и Министерството за наука и иновации на Кралството Шпанија за соработка во изработката на Програмата ДОНЕС.
Овој проект предвидува партнерство меѓу Хрватска и Шпанија во истражувањето на фузијата, покрај партнерство во развојот и изградбата на акцелераторот ДОНЕС и партнерство меѓу хрватските и шпанските компании во изградбата на опрема за големи научни проекти.

Во рамките на програмата, утре првата дама на Хрватска, Мусиќ Милановиќ и шпанската кралица Летиција ќе ја посетат Поликлиниката за рехабилитација на слух и говор СУВАГ во Загреб, каде што ќе им биде претставен начинот на кој поликлиниката работи со децата, вклучително и медицинската рехабилитација на деца од предучилишна возраст.
За време на официјалниот престој во Загреб, шпанскиот крал Филип Шести ќе се сретне и со претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ и со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.