Dejan Maksimovic
11 Јули 2020•Ажурирај: 12 Јули 2020
СРЕБРЕНИЦА
Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во видео пораката на денешната комеморација по повод 25. годишнина од геноцидот во Сребреница истакна дека настаните од јули 1995 година се сеќавање на опасниот вирус на нетрпеливост кон различниот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Пред 25 години се случи геноцид во Сребреница, кога повеќе од 8.000 луѓе, повеќето машки лица и момчиња, систематски се убиени само поради тоа што биле Бошњаци. Ова без сомнеж е еден од најмрачните настани во модерната европска историја за кој нема рационално оправдување. Некои од злосторниците веќе се соочија со правда пред Меѓународниот суд на правдата. Некои од преживеаните собрааа храброст да им погледнат во очи на своите џелати и да им опростат на оние кои се покајаа за своите злосторства. Но, многумина и понатаму живеат со страшни трауми, со дополнително зајакнатото негирање и релативизација на вистината за злосторствата", рече Пендаровски.
„Меморијалниот центар и Мајките на Сребреница со јасна порака нѐ соочуваат со колективното минато и совеста на нашата генерација. Тие не поттикнуваат омраза, ниту бараат освета, бидејќи со тоа се продлабочува неправдата. Вистината и правдата ја бараат само како предуслов на мирот", додаде Пендаровски.
Тој нагласи дека историјата, не само на Балканот, учи дека идеите за етнички чисти територии секогаш водат кон трагедија, а дека неодамнешните балкански војни покажаа дека геноцидот може да се повтори и по холокаустот.
„Доколку една генерација не проговори следната генерација ќе заборави, што создава плодно тло за нови судири. Покрај сеќавањето алтернативи се прават низ образованието кое ја промовира солидарноста и сочувство за другиот. Почитувајќи го вроденото достоинство на секое лице, единството на различноста се штити со механизмите кои се борат против системската неправда. Дваесетпеттата годишнина на геноцидот во Сребреница доаѓа во време на пандемијата на Ковид-19, која секојдневно убива илјадници луѓе ширум светот. Сребреница е сеќавање на опасниот вирус на нетпреливост кон различниот. Да изградиме општества во кои ќе има место за секој од нас, да изградиме дом во кој може да се прифатат едни со други и покрај различностите, бидејќи сите сме луѓе", истакна Пендаровски.
- Политичките лидери од регионот со порака по повод 25 години од геноцидот во Сребреница
Високите претставници како и лидери на политичките партии во Албанија и Косово објавија пораки по повод 25-годишнина од геноцидот во Сребреница.
Претседателот на Албанија, Илир Мета, на социјалните мрежи напиша дека масакрот кој се случи пред 25 години во Сребреница, беше геноцид без преседан во срцето на Европа, која не требаше да се дозволи тоа да се случи.
Мета нагласи дека 11 јули 1995 година претставува важен и незаборавлив историски момент за сите.
Според него, заштитата и зајакнувањето на етничко-верскиот и културниот соживот е од суштинско значење без да се дозволи никој да ги труе и подели народите и нациите.
Меѓу другото, претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи, исто така на социјалните мрежи истакна дека Сребреница која во јули 1995 година беше прогласена за „безбедно место“ од страна на Обединетите нации (ОН), се претвори во место каде се случи геноцид.
„Ова место стана гробница за над 8.000 мажи и момчиња Бошњаци кои беа убиени од страна на геноцидниот српски режим само затоа што припаѓаа на друга националност и религија“, рече таа, додавајќи дека и по 25 години, Србија сеуште го негира ова злосторство.
Од друга страна, по овој повод реагираше и лидерот на Движењето Самоопределување во Косово, Албин Курти, кој е и поранешен премиер на Косово. Тој нагласи дека денес се одбележува 25-годишнина од масакрот кој го шокираше светот, односно геноцидот во Сребреница.
„Босна сеуште се соочува со масивен број на нерешени случаи за овој масакр. Се соочува со лица кои го негираат постоењето на геноцидот извршен таму. Но, тоа што се случи во Сребреница е геноцид.“, нагласи Курти.