СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод последните случувања поврзани со случајот „Рекет“, одржа прес-конференција, на која од надлежните институции побара ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање до јавноста, претседателот Пендаровски рече дека уште од самиот почеток на случајот „Рекет“ го кажал својот став дека е разочаран од тоа што го слушнал и повикал на брза и темелна истрага и додаде дека наместо тоа „надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а не е така“.
„Аудио и видеоснимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан“, изјави Пендаровски.
Претседателот Пендаровски рече дека е свесен за својата одговорност како претседател на сите граѓани и должноста да ги штити интересите на државата и нејзините граѓани, нејзиниот просперитет и безбедност, како и реализацијата на стратешките надворешнополитички цели кон кои во изминативе две години забрзано се движи државата, НАТО и ЕУ, и побара од надлежните институции „прво, ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата, почитувајќи го начелото на презумција на невиност. Второ, доколку има докази, да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не“.
Меѓу другото, тој рече дека освен кривично-правната одговорност, доколку има друга каква било поврзаност со случајот, во смисла на давање заштита на лицата под истрага, инсистира и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата.
Пендаровски побара и од медиумите внимателно да ги проверуваат информациите пласирани од различни страни, бидејќи, како што рече, лажните вести немаат за цел да ја информираат македонската јавност.
„Како претседател давам целосна поддршка на надлежните институции, а особено на Обвинителството и Судот, и ќе ги употребам сите уставни и законски овластувања за да ги заштитам од притисоци. Исто така, ќе ги употребам сите законски овластувања да ја заштитам националната безбедност од евентуалните обиди за нејзино нарушување, било од внатре, било од надвор“, истакна Пендаровски.
- Случај „Рекет“
Потсетуваме, Основното јавно обвинителство за борба против криминалот и корупцијата на 15 јули оваа година започна истрага за Бојан Јовановски и Зоран Милевски. На двајцата осомничени на 16 јули им е одреден 30-дневен притвор, поради тоа што од страна на Јавното обвинителство се сомничат дека сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Јовановски и за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Обвинителството истражува дали двајцата осомничени имаат поврзаност со специјалната обвинителка Катица Јанева, која го предводи Специјалното јавно обвинителство (СЈО), формирано врз основа на политичкиот договор меѓу најголемите политички партии во земјата, а кое има за цел гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Според Обвинителството, двајцата осомничени барале милиони евра за уцена на бизнисменот Јордан Камчев, кој е обвинет во случајот „Империја“. Овој случај спаѓа во надлежност на СЈО.
Осомничените во случајот „Рекет“ му ветиле на Камчев дека ќе влијаат за неговото ослободување од притвор и за случаите што СЈО ги започнало против него.
Основното јавно обвинителство соопшти дека на обвинителката Катица Јанева ѝ е одземен мобилен телефон, а на денот кога започна истрагата, обвинителката Јанева поднесе оставка од својата функција.
Во изминатите денови, италијанскиот весник „Ла Верита“ (La Verita) објaви видео и аудиоснимки во кои се прикажуваат осомничените во случајот „Рекет“.
news_share_descriptionsubscription_contact
