Admir Fazlagic
04 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, ги посети припадниците на Армијата, ангажирани на јужната граница, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кабинетот на претседателот Пендаровски соопшти дека за време на неговата посета била презентирана моменталната безбедносна состојба, како и тактичките мерки и процедури кои ги спроведуваат армиските единици за спречување на нелегални минувања на јужната граница.
Претходно, како што се наведува во соопштението, претседателот Пендаровски го посетил транзитниот центар за мигранти во Гевгелија, каде што во моментов се сместени триесетина мигранти. Претседателот Пендаровски беше запознаен со тековната состојба во транзитниот центар.
„Од она што го слушнав на брифингот од надлежните старешини, и овде и во транзитниот центар, нема никакви индикатори дека бројката на илегални мигранти и бегалци се зголемува. Меѓутоа, добро е што сме подготвени, и ако има зголемување на таа бројка, да ги пречекаме, се разбира низ процедура и низ соработка со меѓународната организација за миграции. Значи, како што Република Северна Македонија беше една од најважните алки во тој синџир за време на големата бегалска криза на т.н. Балканска рута, и како што добивме највисоки можни оценки, најдобри квалификации за пречекот и прифаќањето на тие бегалци, така сме и сега подготвени ако затреба да постапиме на сличен начин. Само можеме да ги пофалиме припадниците на нашата Армија, и се разбира и припадниците на МВР, кои овде работат веќе четврта година редовни ротации, во различни временски услови, со цел ние да бидеме безбедни, нашите граници да бидат безбедни“, рече Пендаровски.
„Притоа, се разбира, секое илегално поминување да помине во рамките на меѓународните правила и прописи за државата да добие највисоки можни оценки, и од аспект на почитувањето на правото на тие луѓе кои имаат право да бидат прифатени и имаат право да бидат третирани на достоиствен начин“, изјави претседателот Пендаровски при посетата на армиските сили на јужната граница.