Admir Fazlagic
04 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Армија на Република Северна Македонија е новото официјално име на оружените сили на земјава, по вчерашното потпишување на указот од страна на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Пендаровски денеска беше во посета на припадниците на Армијата, ангажирани на јужната граница, при што даде изјава за медиумите.
„Во текот на вчерашниот ден ја потпишав уредбата за ознаките на униформите на Армијата и отсега натаму ќе биде Армија на Република Северна Македонија“, рече Пендаровски.
Претходно, името на оружените сили на земјава беше Армија на Република Македонија.
Промените на имињата на државните институции доаѓаат по потпишувањето на Преспанскиот договор, кој во јуни минатата година во грчкиот дел на Преспа го потпишаа владите на Македонија и Грција, според кој Република Македонија го менува своето име во Република Северна Македонија. Промената на името го решава проблемот со Грција, кој датира уште од прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија во 1991 година.
На 11 јануари оваа година, Собранието на Македонија со двотретинско мнозинство ги усвои уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор, а потоа на 25 јануари со просто мнозинство Договорот беше ратификуван и во грчкиот Парламент.
Владата на Северна Македонија информираше дека Преспанскиот договор влегува во сила од 12 февруари 2019 година.