Балкан

Пендаровски во Анталија: „Без регионална интеграција не можеме да говориме за регионална стабилност"

„Регионалните лидери не треба само да говорат за реформите, туку навистина да се спроведат реформите и да се трансформираат нашите општества", истакна претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски на Дипломатскиот форум во Анталија

Elena Trenchevska Chekovikj  | 18.06.2021 - Обновена : 21.06.2021
Пендаровски во Анталија: „Без регионална интеграција не можеме да говориме за регионална стабилност" ( Foto: Muhammed Enes Yıldırım / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека земјите од Западен Балкан во однос на пандемијата ги научија лекциите на најтешкиот можен начин, и дека регионалната интеграција е еден од механизмите и начините за опоравување од неа, јавува Агенција Анадолија (АА).

Пендаровски имаше свое обраќање на Дипломатскиот форум во Анталија, на панелот на лидери на тема: „Како можеме да ја зајакнеме регионалната солидарност во поглед на научените лекции?“, каде говореше заедно со уште неколку балкански лидери.

Тој рече дека светската солидарност во однос на пандемијата и справувањето со неа од страна на најмоќните и најбогатите земји доживеа неуспех.

Пендаровски се осврна на статистиките за шестте држави од Западен Балкан нагласувајќи дека во период од над една година регионот преживеал многу во однос на изгубените човечки животи, во однос на економската девастација и изгубените перспективи.

„Скоро 1,5 милиони луѓе се заразени, речиси 30.000 луѓе починаа од Ковид-19, нашите економии, според најновите извештаи на Светската банка за 2020 година, економиите се намалени за 3,4 отсто. Ние самите не можеме да ја надополниме таа загуба без поддршката на европските земји и нашите трансатлантски пријатели, не можеме да успееме самите затоа што и пред пандемијата имавме мали ресурси, и немаше да можеме со нашите сопствени ресурси да ги надминеме економските потешкотии предизвикани од долгата транзицијата“, порача Пендаровски.

Тој истакна дека ќе бидат потребни 3-5 години за да се постигне нивото пред пандемијата.

Во однос на механизмите и начините за опоравување тој ја посочи регионалната интеграција, и две нивоа на таа интеграција, регионалната иницијатива „Мал шенген", слободите и непостоењето на границите за луѓето со добра волја и за бизнис заедниците, и второто, повисоко ниво како начин на опоравување, европската интеграција, за која потсети дека е во застој со години.

„Четири земји чекаат започнување на преговорите со ЕУ. Зборувам за Северна Македонија и за Република Албанија: кандидати сме 16,5 години од 2005 година, и се уште чекаме да ги започнеме, не да ги завршиме, за што би требало години, туку да ги започнеме. Албанија е во слична ситуација. Црна Гора и Република Србија преговараат скоро една деценија, и се уште не се гледа крајот на тој долг тунел“, истакна Пендаровски.

Порача дека ЕУ по завршувањето на пандемија во наредните неколку месеци ќе треба да размисли како да се оживее овој процес за интеграции, оценет, како што истакна, за многу корисен за народите од регионот.

„Тоа се механизмите кои би не истуркале, не само низ потешкотиите поради пандемијата, туку и поради останатите потешкотии за трансформирање на нашето општество. Да не заборавиме, ние чекаме 30 години да го видиме крајот на посткомунистичката транзиција, говориме за основните нешта, за владеењето на правото, за независното судство, за слобода на медиумите. Потребна ни е супервизија од позрелите демократии на европскиот континент и од другите пријатели во светот да ни помогнат да продолжиме напред но со многу побрзо темпо“, порача претседателот Пендаровски.

Во однос на регионалната стабилност тој рече дека за неа не може да се говори без регионалната интеграција.

„Кога говориме за регионалната стабилност не може да говориме без регионална интеграција. Повисоко ниво на интеграција носи поголема стабилност на регионот, и 100 отсто поголем просперитет за сите народи во регионот“, изјави Пендаровски.

Потсети дека на Западен Балкан живеат речиси 18 милиони луѓе, дека заедничкиот БДП на сите земји од Западен Балкан е помал од 1 отсто од БДП на ЕУ, додека населението е скоро 4 отсто по бројност од вкупниот број на население во ЕУ.

„Според тоа интеграцијата на целиот Западен Балкан не треба да претставува проблем и не треба да предизвикува никакви последици во однос на големината. Кај претходните проширувања на ЕУ зборуваме за поголеми земји и бројност на население и товарот на економскиот систем“, додаде Пендаровски.

Тој потенцираше дека според него вината не е целосно во Брисел: „Вината е главно кај главните градови на регионот, вклучувајќи ја и мојата земја и мене, ние сме политичарите избрани на демократски избори за да испорачаме реформи, но ние не можеме да го достигнеме нивото на просекот на една земја членка на ЕУ за 50-60 години само со нашите ресурси, туку со помошта на нашите европски пријатели таа временска рамка би била намалена најмалку два до трипати“, рече Пендаровски.

Се осврна и на заедничките напори пред и по пандемијата од двете страни.

„Регионалните лидери не треба само да говорат за реформите, туку навистина да се спроведат реформите и да се трансформираат нашите општества. Ние не бараме само финансиски стимул, туку принципи и упатства за сето тоа да се имплементира со цел да се скрати времето потребно за станување постабилно општество“, нагласи Пендаровски.

Тој на крајот порача дека интеграцијата е патот доколку се сака да се видат земјите од Западен Балкан како нормален европски регион.

Дипломатскиот форум во Анталија, чиј глобален комуникациски партнер е Агенција Анадолија, ќе биде домаќин на 10 шефови на држави и влади, 42 министри за надворешни работи, тројца поранешни шефови на држави и влади, повеќе од 50 претставници на меѓународните организации и поранешни владини официјални претставници, се потврдува од Министерството за надворешни работи на Турција.

Дебатите од глобално значење, вклучувајќи ги Балканот, иднината на Европа, трансатлантските односи, бегалците и мигрантите, како и заканата од тероризам, ќе бидат длабоко анализирани за време на тридневниот Форум. Ќе има и седница за предлогот на Турција за Источно-медитеранската конференција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.