Abdula Berisha
18 Јуни 2021•Ажурирај: 19 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, учествуваше на панел-дискусијата на лидерите насловен „Глобално управување: Нови пристапи за глобални решенија“, која се одржа во рамки на Дипломатскиот форум во Анталија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дебатата на панел-дискусијата беше фокусирана околу пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), додека претседателката Османи во нејзиното излагање рече дека пандемијата ги зголемиле нееднаквостите кои веќе постоеле.

„Нашата земја, нашите држави како и нашите општества нема да бидат исти по пандемијата. Пред се, таа ги зголеми нееднаквостите кои веќе постојат. Маргинализираните групи, оние кои беа посензитивни, оние кои страдаа најмногу и пред пандемијата, сега страдаа уште повеќе по пандемијата“, нагласи Османи.
Таа истакна дека моменталниот модел на глобализмот не функционира, и додаде дека е дојдено до работ на колапсот на трговските и економските системи кои постоеле.
„Многу е жално што ни требаше оваа пандемија за сите ширум светот да сфатиме дека сме си потребни едни на други“, рече косовската претседателка.
Османи укажа на почетокот на пандемијата и потребата за медицинска опрема, и додаде дека побарале поддршка од Турција, Европската унија (ЕУ) и САД.
„Кога се соочивме со првите предизвици, го повикавме претседателот (Реџеп Таип) Ердоган, и тој не испрати само еден авион со медицинска опрема, туку испрати два авиони“, истакна Османи.
Таа исто така укажа на важноста на еднаквоста и праведната поддршка, и рече дека треба да им се помогне на тие кои имаат потреба за поголема помош.
Османи нагласи дека принципот „никој не е безбеден се додека сите не сме безбедни“ не треба да се ограничува само со пандемијата, туку треба да се применува и во прашањата како тероризмот или климатски промени.
Дипломатскиот форум во Анталија, чиј глобален комуникациски партнер е Агенција Анадолија, ќе биде домаќин на 10 шефови на држави и влади, 42 министри за надворешни работи, тројца поранешни шефови на држави и влади, повеќе од 50 претставници на меѓународните организации и поранешни владини официјални претставници, се потврдува од Министерството за надворешни работи на Турција.
Дебатите од глобално значење, вклучувајќи ги Балканот, иднината на Европа, трансатлантските односи, бегалците и мигрантите, како и заканата од тероризам, ќе бидат длабоко анализирани за време на тридневниот Форум. Ќе има и седница за предлогот на Турција за Источно-медитеранската конференција.