Mücahit Hüseyin Eroğul
18 Февруари 2020•Ажурирај: 19 Февруари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Третиот Меѓународен форум за етноспорт, организиран на темата „Заживување на традиционалниот спорт“, ќе се одржи во Анталија на 22 и 23 февруари, јавува Агенција Анадолија (АА).
Двесте учесници, вклучувајќи министри, владини претставници, претставници на федерациите и академици од 55 земји, ќе се сретнат на Форумот организиран од Светската конфедерација за етноспорт со кој претседава Билал Ердоган.
Во организација на голем број земји, од Јапонија до Казахстан, од Мароко до Бразил, ќе се разговара за иднината на традиционалните спортови и ќе се понудат решенија од личните и институционалните искуства.
На панелите и сесиите што треба да се одржат во рамките на Форумот, ќе се разменат идеи од различни региони за тоа како традиционалниот спорт да стигне до подобра позиција. Исто така, на Меѓународниот форум за етноспорт ќе се генерираат идеи за да се постигнат краткорочните, среднорочните и долгорочните цели на традиционалните спортови и игри.
- „Среќни сме што ќе бидеме домаќини на претставниците од 55 земји“
Во изјавата дадена од Светската конфедерација за етноспорт се наведува дека со Форумот имаат за цел да се зајакне структурата што ќе ги пренесува мотивите од минатото на идните генерации.
„Нашите традиционални спортови, игри, игри со историја од илјадници години, во современиот свет се соочуваат со опасност веќе да се изгубат. Како Светска конфедерација на етноспорт, што ја формиравме во 2015 година, имаме за цел да ја истакнеме важноста на традиционалните спортови и игри со желба тие вредности да заживеат и на локално и на глобално ниво", се вели во соопштението на Светската конфедерација за етноспорт.
„Нашата цел е да ја зајакнеме структурата, која ќе ги пренесува мотивите од минатото од различни региони на идните генерации. Во оваа насока ние сме возбудени од организирањето на третиот Меѓународен форум за етноспорт, кој стана традиција. Среќни сме што сме домаќини на претставниците на 55 земји од различни региони“, се наведува во соопштението.
Светската конфедерација за етноспорт, која спроведува активности за зголемување на свеста и за ширење на традиционалните спортови и игри, е основана во Бишкек во 2015 година. Институцијата во 2017 година се пресели во Истанбул.
Меѓу приоритетите на Конфедерацијата е традиционалните спортови низ целиот свет да се соберат под еден покрив, да се воспостави единство меѓу федерациите членки и да се зголеми свеста за етноспортот.