СИБЕЛ ВЕЗАЈ/ ЗУЛФИЈА ЈАКУПИ
ПРИШТИНА (АА) - На седницата на Собранието на Косово закажана за петок, 14 декември, се очекува изгласување пакет закони со кои ќе се изврши трансформација на Косовските безбедносни сили во војска на Косово. До формирање на војска на Косово доаѓа по таканаречениот План Б, односно по законски пат, бидејќи поради противење на српските пратеници не беше возможно да се изгласаат уставните амандмани во Собранието на Косово, пишува Anadolu Agency (AA).
2009:
Косовските безбедносни сили (КБС) официјално се формирани на 21 јануари 2009 година, по расформирањето на Косовските заштитни сили, кои беа формирани во 1999 година, како наследници на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Во согласност со Севкупниот пакет на Мартих Ахтисариј, поранешниот главен преговарач на ОН за Косово, Косовските безбедносни сили (КБС) се професионални, мултиетнички, лесно вооружени и униформирани сили на безбедноста, кои се подложни на демократска, цивилна контрола. Задачата на КБС е да спроведува операции како одговор во случај на кризи во Косово и во странство; операции на цивилна заштита на Косово и помош на цивилните власти како одговор за време на елементарни непогоди и други вонредни случаи.
2014:
Првите чекори кон трансформирање на КБС во војска на Косово се направени во 2014 година кога Владата на Косово, на чело со премиерот Хашим Тачи, го усвои и го достави до Собранието на Косово предлогот за основање на Вооружени сили на Косово (ВСК), кои би имале задача да го штитат територијалниот интегритет на земјата, вклучувајќи го и северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население.
За да можеше да биде усвоен тој предлог, беше потребна измена на Уставот на Косово, за што е потребно двотретинско мнозинство во косовскиот Парламент, составен од 120 пратеници, како и две третини гласови на пратениците (20) од неалбанските заедници, Србите и останатите.
Гласањето за формирање на ВСК, српските пратеници од Самостојната либерална партија (СЛС) го условија со продолжување на гарантираните места за малцинските заедници во Собранието на Косово за уште еден собраниски мандат, што не ја доби поддршката од албанските партии, пред сѐ од Демократскиот сојуз на Косово и движењето Самоопределување.
Според планот на Ахтисариј, малцинствата имаа гарантирани места во Собранието на Косово, што значеше, покрај 20-те резервирани места (10 за Србите и 10 за останатите), можат да добијат и повеќе пратенички места, доколку освојат доволен број гласови на изборите. По прогласувањето на независноста на Косово и усвојувањето на Уставот на Косово, местата за малцинствата се саморезервирани, без можност да бидат повеќе од 20.
Откако не дојде до договор околу формирање на ВСК, Собранието на Косово е распуштено на 7 мај во 2014 година и во Косово се одржаа предвремени парламентарни избори
2015:
Амандманите на косовскиот Устав неопходни за воспоставување вооружени сили на Косово повторно се пратени на Собранието на Косово во мај 2015 година, кога Косово имаше нова владејачка коалиција на чело со премиерот Иса Мустафа (составена од Демократска партија на Косово на Хашим Тачи и Демократскиот сојуз на Косово на Иса Мустафа). Меѓутоа, против беа повторно пратениците на српската заедница од редовите на Српската листа, која е во директна координација со официјален Белград.
Пратениците на Српската листа инсистираа првин да се реализира заедница на општини со српско мнозинство во Косово, договорена со Бриселскиот договор од април 2013 година. Поради одбивање на српските пратеници да гласаат за овие амандмани, Претседателството на Собранието на Косово, на 20 јули го симна од дневен ред гласањето за уставни измени.
2017:
Следен сериозен потег во врска со трансформација на КБС се случи на 7 март 2017 година, кога претседателот на Косово, Хашим Тачи, на претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, му го предал Нацрт-законот за трансформација на Косовските безбедносни сили во војска на Косово. Одлуката да се оди кон законска трансформација, следуваше откако српските пратеници јасно ставија до знаење дека никогаш нема да гласаат за уставни промени за формирање војска на Косово.
Следниот ден, Претседателството на Собранието донесе одлука Нацрт-законот за трансформација на КБС да се проследи до Владата. Истиот ден стасала и реакција на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој оцени дека „едностраните чекори како овој се бескорисни“, и ги повика косовските власти во врска со ова прашање да бидат во близок контакт со Белград.
Во врска со тоа, Соединетите Американски Држави (САД), исто така, изразија загриженост поради најавената намера на Косово да го измени мандатот на Косовските безбедносни сили, без уставни амандмани. Американската Амбасада во Приштина соопшти дека оваа трансформација треба да се одвива преку сеопфатен политички процес и во согласност со Уставот на Косово. И покрај изјавите на претседателот Тачи дека меѓународните стратешки партнери, односно САД и НАТО ја потврдиле подготвеноста да им помогнат на косовските институции да се добие поддршка од српската заедница за трансформација на КБС преку уставни измени, до тоа не дојде.
Во Собранието не помина ниту ратификацијата на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора, а Собранието на Косово изгласа недоверба на Владата на Иса Мусафа и Косово повторно отиде на вонредни избори.
По вонредните избори на чело на Владата на Косово доаѓа премиерот Рамуш Харадинај, лидер на Алијансата за иднина на Косово (AAK) и поранешен командант на ОВК.
2018:
Кон средината на 2018 година, под притисок на Белград, Приштина се соочи со масовни оставки на припадниците на КБС од редовите на српската заедница.
Околу 60 припадници на КБС од српската заедница од сите краеви на Косово ги напуштија тие сили. Прашањето за трансформација на КБС беше на „чекање“ до 13 септември, кога Владата на Косово ги одобри и ги испрати до Собранието на Косово нацртите на трите закони за трансформација на Косовските безбедносни сили во војска. Нацртите на законите за Косовските безбедносни сили, за службата на КБС и за Министерството за одбрана се усвоени без ниту еден глас против, а на седницата на Владата не присуствуваа српски министри.
Потоа на 18 септември Собранието на Косово во првото читање усвои три нацрти на Законот за трансформација на КБС во војска. Законите се усвоени откако пратениците на Српската листа соопштија дека се спротивставуваат на нивно усвојување и ја напуштија собраниската сала. Тие нацрти на Законот обезбедуваат промена на името на Косовските безбедносни сили, но суштински не им ја менуваат мисијата за тие сили да станат војска.
Тие нацрти на Законот не обезбедуваат промена на името на Косовоските безбедносни сили, но суштински им ја менуваат мисијата за тие сили да станат војска. КБС ќе бидат „мултиетнички, професионални, вооружени и овластени сили да служат во земјата и во странство, во согласност со уставниот и законскиот мандат, во одбрана на територијалниот интегритет, граѓаните, имотот и интересите на Република Косово и кои подлегнуваат на демократска граѓанска контрола“.
Законите за трансформација на Косовските безбедносни сили во вооружени сили предвидуваат дека косовската војска ќе има мандат на цела територија на Косово, како и сите атрибути на вооружена формација - врховен командант, генералштаб, оружје, симболи. Предвидено е војската да има 5.000 активни припадници и да биде мултиетничка, што значи дека во нејзиниот состав би требало да бидат и припадници на малцинствата на Косово, вклучувајќи ги и Србите.
Покрај Српската листа, која не сакаше да учествува во гласањето за Војска на Косово, остро реагираше и официјален Белград. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека формирањето на косовската војска е во спротивност со сите меѓународни договори. Тој апелираше до косовските Срби да не прифатат учество во војската на Косово.
Претседателството на Собранието на Косово на 3 декември одлучи на 14 декември во Собранието на дневен ред да се најдат на второ читање три закони за трансформација на Косовските безбедносни сили во вооружени сили на Косово.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на 5 декември изјави дека се надева дека поради најавената трансформација на КБС во војска, Србија нема нужно да ја користи својата Војска, но дека тоа е една од можностите на маса, бидејќи се заканува опасност од етничко чистење на Србите во Косово.
Реагираше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столнтенберг, кој предупреди дека сега не е време за формирање војска и дека Приштина, доколку не се откаже, ќе се соочи со последици. Харадинај потоа во телефонски разговор со Столтенберг одговори дека трансформацијата на Косовските безбедносни сили (КБС) во војска е интерен процес и дека е потполно во согласност со косовскиот Устав.
Телефонски разговор со Столтенберг имаше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој се заблагодари на констатацијата дека не е време за формирање на војската на Косово.
И покрај таквите ставови на НАТО, САД, преку изјавите на своите функционери ја поддржаа трансформацијата на КБС. Новиот американски амбасадор на Косово, Филип Коснет, во интервју за Радио-телевизија Косово изјави дека формирањето на војската на Косово е позитивен и природен чекор, и дека тоа е процес кој ќе трае со години.
Во Собранието на Косово, утре, на 14 декември, ќе се гласа за три закони за трансформација на Косовските безбедносни сили во вооружени сили на Косово, а за попладне е најавен државен прием во Министерството на Косовските безбедносни сили.
news_share_descriptionsubscription_contact
