Husamedin Gina
12 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
СКОПЈЕ
Лидерите на политичките партии во Северна Македонија на денешната средба во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, со консензус одлучија дека здравјето на граѓаните е приоритет и дека идната недела повторно ќе се сретнат за одредување на конечниот датум за избори, јавува Агенција Анадолија (АА)
На денешната средба кај претседателот присуствуваа претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните избори освоија пратенички мандати со самостојни листи.
По средбата, лидерите на политичките партии дадоа изјава за медиумите.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, истакнувајќи дека на лидерската средба се договориле дека најважната работа за нив претставува здравјето на граѓаните, рече дека сите политички партии ја изкажале својата доверба во здравствените и стручните комисии.
„Констатиравме една значајна работа сите, и сите се согласивме дека ќе мора да живееме со коронавирусот, затоа што ниту во светот, ниту на европската територија, ниту во Република Северна Македонија некој може да каже кога ќе заврши корона кризата“, нагласи Зоран Заев.
Заев истакна дека на средбата настапил од позиција дека парламентарните избори треба да се одржат на 14 јуни, додавајќи дека сакаат датумот да биде утврден со консензус.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски укажа на фактот дека доколку загубата на човечки животи е цената со која што ВМРО-ДПМНЕ треба да оди на следните парламентарни избори, тој истакна дека во тој случај одбива да биде дел од таквата процедура.
„Не е важен изборниот процес, не се важни изборите туку важно е пред и над сѐ здравјето на граѓаните. Тоа беше нашата позиција од самиот почеток“, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата рече дека чекаат да добијат известување од Комисијата за заразни болести за тоа кога би можело да се одржат избори.
Според лидерот на ДУИ, здравствените експерти треба да го имаат конечниот збор за одредување на датумот на изборите.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, кои на изборите ќе настапат во коалиција, исто така истакнаа дека на лидерската средба се согласиле да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси. Тие се согласни и дека Република Северна Македонија не може да си дозволи одржување на избори без присуство на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР.