Abdula Berisha
07 Декември 2022•Ажурирај: 08 Декември 2022
СКОПЈЕ
Во Скопје денеска се одржува Бизнис-форум на кој учествуваат над 150 големи компании од Северна Македонија и Бугарија, како и претставници на стопански комори и економски ресорни институции од двете држави, јавува Агенција Анадолија (АА).
Форумот се реализира под мотото „До една милијарда и понатаму“, во знакот на проекцијата од една милијарда евра трговска размена за оваа година меѓу двете земји.
Бизнис-форумот се одржува под покровителство на министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и неговиот бугарски колега Николај Милков.
Во рамки на Форумот министрите одржаа и заедничка прес-конференција на која истакнаа дека се залагаат за позитивна агенда во односите меѓу двете земји.

Министерот Османи рече дека податоците за трите квартали оваа година упатуваат на зголемување на трговската размена од точно 52 проценти, надминувајќи 710 милиони евра. Според него, ова реално упатува на проекцијата дека оваа година размената ќе надмине 1 милиарда евра.
Како што посочи тој, целта на денешниот Форум е да се поттикнат бизнисмените да ги искористат потенцијалите за уште поголема соработка во сите економски гранки.
Османи, исто така, рече дека се потпишани шест договори за меѓусебна размена вредни над 3 милиони евра.

„Овие позитивни активности и примери го претставуваат најдобриот одговор на сите обиди да нѐ одвратат од позитивната агенда која ја имаме помеѓу нашите две држави. Соработката помеѓу двете министерства сѐ повеќе се подобрува, и тоа на сите нивоа. Ние сме актуелни сојузници во НАТО, идни партнери во Европската Унија, но еве денеска покажуваме и дека сме добри соседи и пријатели, и очекувам нашата соработка да се развива во овој правец“, рече Османи.
Тој ја истакна важноста од инвестирање во инфраструктурното и енергетското поврзување, особено по руската агресија врз Украина.
Шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков, изјави дека и неговата држава е заинтересирана за развивање на позитивната агенда, што според него ќе доведе до една подобра атмосфера за решавање на сите прашања.

„Радосни сме што овој форум успеавме да го организираме многу брзо, но за тоа има објективна причина. Објективната причина е дека има огромен интерес помеѓу бизнисите на двете земји за организирање на таков форум, за елиминирање на сите препреки кои сѐ уште стојат пред бизнисот за да може тој да се развива беспрекорно и слободно“, рече Милков.
Тој истакна дека зголемената економска соработка ќе придонесе за севкупниот развој на билатералните односи.
Милков, исто така, ја поздрави работата на Заедничката историска комисија, истакнувајќи ја важноста од постоење заедничка концепција и општо разбирање за различни историски периоди и личности.
Притоа, тој нагласи дека заеднички ќе се одбележи и празнува дејноста на Свети Климент Охридски.
Одговарајќи на новинарските прашања, двајцата министри ги осудија разните обиди кои можат да доведат до нарушување на односите.

Северна Македонија и Бугарија во 2017 година имаат потпишано Договор за добрососедство, пријателство и соработка.
Сепак, во ноември 2020 година, Бугарија стави вето на започнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија, односно не ја одобри преговарачката рамка за земјата, поради спорот околу заедничката историја, како и поради барањата за правата на бугарската заедница во Северна Македонија.
Оваа пречка на европскиот пат на Северна Македонија се надмина во јули оваа година со помош на францускиот предлог, додека Заедничката историска комисија продолжува со нејзината работа.