Fatjon Cuka,Furkan Abdula
25 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
ТИРАНА (АА) - Бајрам Бегај, новоизбраниот претседател на државата на гласањето одржано во албанскиот Парламент на 4 јуни, по професија е вонреден професор од областа на медицината. Претседателот Бегај е добитник и на голем број медали за неговите достигнувања во армијата, каде ја извршуваше и функцијата началник на албанскиот Генералштаб, пишува Агенција Анадолија (АА).
Бегај ја презеде функцијата од својот претходник Илир Мета, по свечената заклетва што се одржа вчера во парламентот.
Бајрам Бегај победи на изборите како кандидат на Социјалистичката партија на Албанија, владејачката партија предводена од албанскиот премиер Еди Рама.
Бегај стана 8-ми претседател на Албанија по падот на комунистичкиот режим во земјата. На гласањето тој доби 78 гласа во 140-члениот парламент. На гласањето немаше ниту „против“ ниту пак воздржани.
Новоизбраниот претседател на Албанија на гласањето учествуваше како единствен кандидат. Бегај не беше поддржан од пратениците на опозициската Демократската партија на Албанија.
- Профил
Бегај е роден на 20 март 1967 година во регионот на Рогожина во Албанија.
Дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тирана во 1989 година и станал специјалист по медицина.
Тој во текот на својата кариера во албанската армија бил на различни позиции. За началник на албанскиот Генералштаб беше назначен во јули 2020 година.
По завршувањето на различни специјализации во областа на армијата и медицината во Албанија и во странство, Бегај, докторираше на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тирана.
Има звање вонреден професор од областа на медицината, а доделени му се и голем број на медали за неговите достигнувања во армијата.
Во Албанија претседателот го избира парламентот, а неговиот мандат трае 5 години. Едно лице може да биде избран за претседател само два пати. Според уставот на Албанија, претседателот не може да извршува никаква друга јавна функција, не може да биде партиски член или да врши некоја приватна дејност.