Admir Fazlagic
19 Септември 2017•Ажурирај: 20 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Народниот правобранител на Република Македонија во писмена реакција ја осуди постапката на Министерството за образование и наука, кое, како што наведува во реакцијата, со испратен допис му овозможило на директорот на Основното училиште „Братство и единство“ од Охрид да им забрани на ученички да посетуваат настава поради тоа што носеле шамија на главата и бара веднаш да им се овозможи да ја следат наставата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права предвидуваат и дозволуваат слобода на вероисповед и слобода на изразување на религијата, а според Конвенцијата за правата на детето, слободата на манифестирање на вероисповедта може да потпаѓа само под ограничувања предвидени со закон, а вакви ограничувања не се предвидени со Законот за основно образование и со останатите позитивни законски прописи", се вели во реакцијата на Народниот правобранител.
Меѓудругото, во реакцијата се наведува дека е потребно доследно почитување на законите и задолжителна примена на наведените ратификувани меѓународни акти, како составен дел од македонскиот правен поредок.
„Ова дотолку повеќе што според Уставот на Република Македонија, законите мора да бидат во согласност со Уставот, како и сите други прописи, кои се темелат на законите, и секој е должен да ги почитува", наведува Народниот правобранител.
- Реакција на Министерство за образование на Република Македонија
По рекацијата на Народниот правобранител, Министерството за образование и наука на Република Македонија (МОН), излезе со своја реакција во која вели дека нивниот допис бил погрешно толкуван.
„Зачудува погрешното толкување на дописот на МОН дека со него се дава дозвола за било какво однесување на директорот или на родителот на ученичките. Напротив, МОН укажа на задолжителноста на основното образование и на надлежноста и одговорноста на директорот на училиштето за остварување на правата и обрските на учениците. При тоа, се подразбира дека сите граѓани се должни да го почитуваат Уставот и законите во Република Македонија, вклучувајќи ги и директорите на училиштата кои својата надлежност треба да ја вршат во рамките на позитивните правни прописи", објаснуваат од МОН во нивната реакција.