Besar Ademi
20 Септември 2017•Ажурирај: 21 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје, со свечена церемонија, министерот за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски прими донација од Владата на Република Словачка наменета за Министерството за внатрешни работи. Се работи за 1.500 пара специјални чизми, кои ќе се користат од страна на полициските службеници во земјата, јавува Anadolu Agency (АА).
Донацијата ја додели словачкиот амбасадор во Скопје, Мартин Безак, кој рече дека вредноста на донацијата изнесува околу 113 илјади евра.
Спасовски рече дека соработката меѓу македонската и словачката полиција трае веќе долго време. Тој додаде дека очекува оваа успешна соработка меѓу полициските служби да го промовира пријателство меѓу двете земји.
„Нашата успешна соработка трае подолг период, се надградува од ден во ден и, пред сѐ, доби на интензитет во периодот на справувањето со мигрантската криза во Република Македонија. Досега над 200 словачки полицајци заедно со македонските полицајци ја обезбедуваа границата на Република Македонија со Република Грција. Веќе го очекуваме десеттиот контингент словачки полицајци. Таа соработка ќе продолжи и понатаму“, рече Спасовски.
Безак изјави дека дел од донацијата ќе се користи од страна на граничната полиција, бидејќи иницијативата на донацијата е справување со мигрантската криза.
„Да потсетам, во 2015 година, во екот на мигрантската криза, Словачки железници беа единствените кои одговорија на повикот на Македонски железници, обезбедија осум патнички вагони за транспорт на мигрантите од грчката до српската граница“, рече Безак.