Ekip
15 Јуни 2018•Ажурирај: 16 Јуни 2018
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Постот за месецот Рамазан за муслиманите заврши, а денес е извршена молитвата по повод големиот празник Рамазан Бајрам, кој се слави после месецот на постот. Веднаш по молитвата муслиманите овој празник го прославуваат во кругот на семејството и своите најблиски и пријателите, посетувајќи се меѓусебно, јавува Anadolu Agency (AA).
Во организација на Исламската заедница на Македонија (ИВЗ), во присуство на нејзиниот лидер, Реис-ул-улема Сулејман ефенди Реџепи кој ја предводеше молитвата на која беа присутни голем број муслимани, во Мустафа пашината џамија во Скопје се одржа централниот настан за Рамазан Бајрам, при што се читаа делови од светата книга за муслиманите, Куранот, се интерпретираа духовни песни (илахи) на различни јазици на етничките заедници кои живеат во Република Македонија.
Пригодната порака за Рамазан Бајрам, во име на претседателот на ИВЗ во Македонија, на албански, македонски и турски јазик ја прочита Аднан Јахја ученикот на медресата „Иса Бег" во Скопје, кој се осврна на важноста на месецот на постот Рамазан, истакнувајќи дека овој месец за верниците муслимани помина со молитви и со пораки на добрина.

„Во постот ставајќи ја на испит нашата верба, ги победуваме човечките слабости и чиниме хумани дела достојни на еден искрен муслиман. Во овој месец стигна добрината на човештвото и светлината, се нареди милоста и хуманоста, се обликува љубовта и почитта, затоа овој месец секогаш треба да се одбележи и да се доживее со сето наше битие", се наведува во пораката.
Молитва прочита и атешето за верски прашања при Амабсадата на Турција во Скопје, Мурат Алкан.
По извршената бајрамска молитва, во изјава за медиумите, поглаварот на ИВЗ, Сулејман ефенди Реџепи го честиташе Рамазан Бајрам на сите муслимански верници посакувајќи радост, среќа, бериќет, истакнувајќи дека муслиманите треба да бидат солидарни и да се почитуваат, што е и пораката на празникот Бајрам.
- Одбележување на Рамазан Бајрам во градовите во регионот
И во главниот град на Албанија, Тирана, денес е извршена молитвата по повод Рамазан Бајрам. Илјадници верници се собраа на булеварот „Шехиди на нацијата" во центарот на градот на бајрамската молитва.
Централната манифестација во Косово, по повод Рамазан Бајрам се одржа во Султан Мехмет Фатих џамијата во Приштина, а пригодно бајрамско обраќање имаше претседателот на Исламската заедница на Косово, муфтијата Наим Тренава.
Муфтијата Тренава рече дека Бајрамот е општествен празник, а дека е важно како верникот се однесува по Рамазан и дали е на патот на вистинските верски и хумани вредности и дали им помага на оние на кои помошта им е потребна.
Исто така, и во другите градови во земјите од регионот се изврши бајрамската молитва. Оние кои ги предводеа молитвите во своите пораки до верниците порачаа дека празникот Бајрам е можност да се подели радоста со останатите верници, членови од семејството, соседи и пријатели.