Cuneyt Davut
01 Ноември 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
ТАБАНОВЦЕ (АА) – ЏУНЕТ ДАВУД
Во северниот дел на Македонија, во близина на Куманово се наоѓа селото Табановце. Џамијата Коџа Мехмет Беј во ова село, којашто повеќе од еден век е затворена за извршување на верските обреди, продолжува да го исчекува своето обновување.
Џамијата се наоѓа во близина на границата со Србија, а потекнува од 1380 година, од отоманскиот период, и се смета за една од најстарите џамии на Балканот.
Според историчарот Мишел Кил, џамијата е изградена во 16. век, од страна на Мехмед Паша од Качаник.
Оваа џамија се наоѓа покрај патот, среде една полјана. Таа е напуштена и руинирана џамија со делумно урнато минаре, со ископини наоколу и многу отпад, но џамијата очекува некој „да ѝ подаде рака“ за да може повторно од нејзиното минаре да се чујат повиците за молитва.
Доколку се изврши реконструкција на првичниот изглед на куполата на оваа еднокатна џамија, која е градена според арапската архитектура, ќе се воочи дека во овој верски објект се вршени истражувања, за што сведочат големите ископини во внатрешноста на објектот. Не можете да пронајдете пат по кој би пристигнале до џамијата,а и дворот на џамијата земјоделците од селото го користат за своите посеви.
Од некогашната влезна капија во дворот на џамијата Коџа Мехмет Беј, денеска се наѕираат само темелите во облик на столбови коишто ги прекрила земјата.
Неодамна, по извршените истражувања, на виделина се појавиле овие темели и големи камења коишто сведочат дека таму на времето постоел шадрван и истовремено укажуваат на фактот дека на тој простор некогаш имало амам и ан.
Милан Јовановиќ, еден од жителите на село Табановце, за Anadolu Agency (AA) изјави дека пред околу еден месец, истражувачка екипа на Министерството за култура на Македонија пристигнала во селото и побарале луѓе кои би им помогнале околу истражувањата во околината на џамијата.
Јовановиќ рече дека расчистувањето на просторот околу џамијата траело околу 20 дена, а тој учествувал во тоа заедно со останатите соселани. „Ни рекоа дека работите се извршуваат со цел џамијата да се земе под заштита или да се изврши нејзина реконструкција“.
„Ја испитуваа цврстината на структурата на џамијата, испитуваа дали темелите се испукани или не, зедоа примероци од градежниот материјал, направија истражувања за процена на годината на изградба“, раскажа Јовановиќ, додавајќи дека досега немало обиди за реконтрукција на џамијата.
Александар Видановиќ, исто така жител на село Табановце кој учествувал во расчистувањето на внатрешноста и околината на џамијата, изјави: „Истражувачката екипа на Министерстото за култура ни рече дека причина за истражувањето била повторната изградба на џамијата“.
Видановиќ истакна дека истражувањата биле со цел да се открие кога е изградена џамијата и кој живеел на тие простори во тоа време. „Се знае дека џамијата е изградена во 15. век, од страна на Коџа Мехмет Беј, но за тоа сѐ уште немаме добиено јасен одговор“, изјави Видановиќ.
Во село Табановце, каде што се наоѓа џамијата, сѐ уште постојат остатоци од анови од османлискиот период.