СКОПЈЕ (АА) - „Бошњаците имаат повеќевековен континуитет во државата и тие се дел од сите позначајни процеси во борбата за слобода, рамноправност и еднаквост, во борбата за формирање за нашата заедничка татковина, Република Македонија”, вели Доцент Д-р Зеќир Рамчиловиќ, научен соработник во Институтот за национална историја на Република Македонија во разговор за Anadolu Agency (AA), зборувајќи за историскиот континуитет на Бошњаците во Република Македонија, нивната општествена положба во државата, како и за културата на оваа етничка заедница која е дел од богатото мултикултурно општество во Република Македонија.
Според зборовите на Рамчиловиќ, Бошњаците уште од периодот на осамостојувањето на Република Македонија, уште во првите години од независноста на државата, но и во понатамошниот континуитет Бошњаците се фактор на стабилност и просперитет во сите сегменти на македонското општество.
Во поглед на остварените цели на Бошњаците како етничка заедница во Република Македонија, Рамчиловиќ меѓу другите ги издвојува отворањето на тв и радио редакцијата на босански јазик при јавниот сервис МРТ, воведувањето на предметот Јазикот и култура на Бошњаците во основното образование, како и настава на босански јазик во училиштата во Љубин (Општина Сарај) и во Горно Оризари (Општина Велес). За сите овие спомнати цели, тој истакнува дека е добро што постојат, но сепак треба да се работи на нивно подобрување и унапредување.
- Активноста на бошњачките граѓански организации и соработка со Босна и Херцеговина
Бошњаците во Република Македонија имаат неколку граѓански организации и здруженија кои работат во сферата на остварувањето на бошњачките права, заштита и промоција на културните вредности на оваа етничка заедница, но исто така и на нејзина афирмација и интеграција во општеството.
„Се појавија повеќе невладини организации кои оставија некој печат во врска со реализирање на одредени проекти од културен, образовен или од покрупен, национален интерес”, истакнува Рамчиловиќ, додавајќи дека бошњачките здруженија имаат направено неколку поважни проекти меѓу кои ги издвојува различните културни манифестации по повод Денот на Бошњаците - 28 септември, како и хуманитарните активности за помош на погодените граѓани од поплавите во Сингелиќ каде што живеат Бошњаци. Исто така, напоменува Рамчиловиќ, некои од бошњачките здруженија се вклучени во напорите за соработка помеѓу БиХ и Македонија за либерализација и патување со лични карти.
Како што вели тој,во план е да се направи бизнис форум помеѓу македонските и босанските бизнисмени, да се воведе една субвенционирана авионска линија на релација Скопје-Сараево, како и меѓудржавен договор помеѓу БиХ и Република Макеоднија за соработка во културата.
Потоа, Рамчиловиќ ги спомнува проектите како што се „Подари книга, награди знаење", во рамките на кој бошњачките автори на успешните ученици Бошњаци од основните училишта им доделуваат свои книги. Организираното одбележувањето на геноцидот во Сребреница, во Меморијалниот центар Поточари, кадешто освен Бошњаците, одат и припадници од сите етнички заедници во Македонија со цел да го одбележат геноцидот во Сребреница, според Рамчилвиќ е исто така важна активност на невладиниот бошњачки сектор во Македонија, со која сака да се осуди геноцидот над Бошњаците.
Освен ова, Рамчиловиќ вели и дека постои здружение на жени кое што работи на полето на образованието и на еманципација на жената Бошњак во Македонија, но и здруженија кои работат на локално ниво трудејќи се да спроведат важни инфраструктурни проекти во руралните средини, но и да воспостават комуникација со останатите здруженија со кои заеднички би можеле да работат на остварување на граѓанските иницијативи и афирмација на бошњачката култура.
- Образованието е најдобар начин за успех и просперитет
Она што како исклучително важно за Бошњаците во Република Македонија го издвојува Доц. Д-р Рамчиловиќ е здружено и оргнаизирано настапување на Бошњаците за да би можеле да ги остварат целите кои ги имаат како етничка заедница и да ги определат своите приоритети на кои треба да се работи посветено. Во овој контекст, порачува Рамчиловиќ, младите генерации посебно, треба да работат на полето на образованието.
„Секогаш го потенцирам тоа и сметам дека образованието е најдобар начин за успех и просперитет и на младите им порачувам дека знаењето и образованието се најдоброто оружје во борба за секој успех”, порачува Рамчиловиќ, кој инаку е автор на книгата „Бошњаците во Македонија" и коавтор на книгата „Познати Бошњаци во Република Македонија", а меѓу другото, тој има учествувано на голем број научни симпозиуми во земјата и регионот во областа на историјата и географијата.
news_share_descriptionsubscription_contact


