Haris Alija
26 Август 2017•Ажурирај: 28 Август 2017
ПРИЗРЕН (АА) - Благодарение на Азиза Шефитагиќ сè уште се одржува вековната традиција на украсување или шминкање на невестите пред бракот, пренесувана од генерација на генерација во Долно Љубињ, бошњачко село во подножјето на Шар Планина во општина Призрен, во јужно Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова е еден необичен начин на украсување на невестите и ретко може да се види на друго место. На лицето на невестите се ставаат повеќе слоеви боја, почнувајќи со белило, потоа следи силна сина, црвена и златна боја. Етнолозите објаснуваат дека трите златни круга го симболизираат животниот циклус, поврзани едни со други со златни патишта на минување низ животот. Внатрешните црвени кругови се симбол на плодноста, од каде што се родени црвените и сините точки, посакувајќи ѝ здраво и среќно семејство.
Денес оваа традиција на украсување на невестите е на работ на истребување, бидејќи само оваа 65-годишна жена ги подготвува идните невести на автентичен и непроменет начин.
Шефитагиќ ги шминка младите невести во поголемиот број бошњачки села во општина Призрен. Таа е единствената која овој занает го има конзервирано и сѐ уште на оригинален и непроменет начин ги украсува младите невести кои се одлучиле за традиционална свадба, и за овој тип на шминка која е типична за Бошњаците од косовско-македонската граница.
„Овој занает го работам уште од 70-тите години на минатиот век. Свекрвата ми го остави и почнав малку по малку, сега веќе сум извежбана. Сакам овој занает да му го оставам некому, но сите мои отидоа на Запад. Сега почнав работам со една жена од селото. Кога веќе нема да можам, ќе ѝ ја предадам оваа вештина на неа. Сакав ќерките и снаите да ги научам, но за жал тие живеат во странство", вели Азиза.
Но, таа на најдобар начин ја одржува традицијата на локалните Бошњаци. А доколку една уметничка од Приштина не направеше документарен филм кој беше прикажан и на фестивалот во Истанбул, можеби оваа традиција ќе исчезнеше.
Шефитагиќ сега ја бараат во бројни работилници. Во oрганизација на Министерството за надворешни работи на Косово, таа престојуваше во Брисел десет дена. Фотографијата со нашминката невеста на ваков начин, пред неколку години беше најдобра во Косово и беше изложена во центарот на Приштина, на ѕидот на една зграда.
Засега никој не знае да каже од кога, ниту од каде потекнува овој вид на шминкање на невестите, но се смета дека традицијата е стара најмалку 200 години.
„Невестите обично се 'шараат' во Жупа, и тоа само во Долно и Горно Љубињ, Maнастрица, Mушников, Плањан, додека во Речане оваа традиција веќе изумре. Новото го замени старото и тоа така оди“, вели нејзиниот сопруг Адил Шефитагиќ.
Тој истакна дека иако овие села се многу блиску и населени со Бошњаци, сепак постои разлика помеѓу украсувањето на невестите и носиите на невестите.
„Постои разлика и во украсувањето и во носиите. Кај нас во Долен Љубињ боите се некако поживописни. Доаѓаа од Бугарија и од Грција, и како што велат тие, бидејќи јас не сум видел, во Бугарија така слично изгледат младите невести“.
Тој истакна дека самиот чин на шминкање има неколку значења. Според него, главното сепак е она против уроци - покривање на лицето на невестата за да не ја урочат оние кои доаѓаат на свадбата.
„Самиот процес на шарање се смета дека е против уроци, за да се избегнат лошите очи, за разубавување на домот во кој ќе оди, да биде гордост на мажот, свекрвата, свекорот, членовите на семејството каде што оди и малку да го разубави лицето тој ден кога се мажи. Белата боја е подлога, додека другите бои се живописни и асоцираат на радост, на веселба. Сончевите зраци имаат значење да го осветли домот во којшто оди, да донесе повеќе светлина.
Во разговорот за Anadolu Agencu (AA) истакнува дека сепак тоа не е типично само за Бошњаците во Косово, туку исто така е присутно и во некои други краеви, главно каде што живеат муслимани.
„Вакво 'шарање' на невестите постои и во западниот дел на Македонија, во Скопска Црна Гора и во еден дел од Бугарија. Но каде е најстара традицијата, кој крај од каде ја примил, сѐ уште е непознато. Но едно е сигурно, постои во средините каде што живеат само муслимани“.