Admir Fazlagic
15 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Рамазан е време на пост, солидарност, добрина и простување. Овие моменти се потсетник на основните човекови вредности, потсетник дека треба да си помагаме едни со други и да се воздржуваме од лоши мисли, a толеранцијата да биде мост меѓу сите граѓани во нашата држава“, се наведува во честитката на претседателот Иванов.
Се истакнува и дека Македонија секогаш била пример за соживот, почит и разбирање.
„Дозволете ми овој ден да повикам на слога и заедништво, бидејќи само заедно, искрени и сплотени ќе може да создаваме дела на кои ќе се гордеат идните генерации“, пишува во честитката во која претседателот Иванов по повод Рамазан Бајрам упати честитки со желби за лична среќа и духовен мир, а на сите припадници на исламската вероисповед во земјава им посакува благосостојба, љубов и бериќет.
Постот за месецот Рамазан за муслиманите заврши, а денес е извршена молитвата по повод големиот празник Рамазан Бајрам, кој се слави после месецот на постот. Веднаш по молитвата муслиманите овој празник го прославуваат во кругот на семејството и своите најблиски и пријателите, посетувајќи се меѓусебно.