ТИРАНА (АА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, Трајан Димковски, денеска во главниот град на Албанија, Тирана, одржаа работен состанок со албанскиот министер за земјоделство и рурален развој Бледи Чучи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија, на состанокот министрите разговарале за започнатите заеднички проекти како и за унапредување на трговската размена и можностите за дополнителна билатерална соработка.
На состанокот е заклучено дека нема проблеми во однос на протокот на растителни пратки на граничните премини помеѓу двете држави, којшто се одвива според утврдената постапка согласно националните прописи на двете земји.
„Како идни области за соработка министерите ги посочија размената на националните прописи и усогласување на листи на штетни организми, растенија, растителни производи, взаемно признавање на лабораториските анализи од акредитирани/овластени фитосанитарни лаборатории, усогласување на фито-контролите на готови производи и поголема флексибилност во делот на извоз и увоз на добиток“, се наведува во соопштението.
Се нагласува дека е потребна изработка на планови за итни мерки во случај на откривање на карантински штетни организми и размена на искуства, информации и знаења помеѓу надлежните органи од фитосанитарната област на двете страни.
„Министерот Димковски, на состанокот посочи дека доколку е согласна албанската страна може да се иницира подготовка на Спогодба помеѓу надлежните служби од двете земји за фитосанитарна соработка. Министрите Димковски и Чучи се договорија да се интензивира соработката на формираната работна група од двете министерства и заеднички да се работи на системска контрола од двете држави во самото менаџирање со рибниот фонд во Охридското и Преспанското езеро“, се додава.
Од друга страна, албанскиот министер за земјоделство и рурален развој, Бледи Чучи, истакна дека двете земји имаат заедничка агенда во однос на евроинтеграциите.
„Министерот Чучи потенцираше дека двете земји имаат цврсти врски и заедничка агенда на патот кон евроинтеграциите. Следствено на тоа треба да се интензивира соработката во секторот на земјоделството и руралниот развој“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство и рурален развој на Албанија.
Чучи истакна дека најважната точка на нивната агенда е во врска со договорот за фитосанитарна соработка меѓу двете земји, каде рече тој стигнале на фазата кога треба да најдат решение, без одлагање.
„Направени се чекори напред од последната средба на министерско ниво, и од 100 отсто, контролата на фитосанитарните анализи се намали на 20 отсто“, нагласи Чучи, се наведува во ова соопштение.
Според министерот Чучи, постојат и два други проблема кои треба да се решат, а тоа се извозот на живи животни кон Северна Македонија и заедничкото администрирање со двете гранични езера во врска со риболовот.
news_share_descriptionsubscription_contact
