Zülfiya Yakup
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
ПРИШТИНА (AA) - Централната изборна комисија (ЦИК) денеска организираше работен состанок за Собранието на Косово, за ориентационата програма за безбедност на предвремените избори, кои ќе се одржат на 6 октомври, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот присуствуваа претставници на косовската полиција, Државното обвинителство, Изборниот панел за жалби и претставки и на Судскиот совет на Косово.
Извршниот директор на Секретаријатот на ЦИК, Енис Халими, рече дека подготовките за предвремените избори се одвиваат добро и оцени дека ангажирањето со актерите на безбедноста ќе резултира со добар изборен процес.
Директорот на операцијата на полицијата на Косово, Африм Ахмети, рече дека косовската полиција е спремна да одговори на сите ситуации од кампањата до денот на изборите.
„Со сите полициски службеници од регионалните дирекции и полициски станици одржавме состаноци на кои поделивме задачи на сите службеници кои ќе бидат ангажирани на денот на изборите. Во оваа фаза ги повикуваме сите да соработуваат и да ги пријават сите евентуални случаи кои можат да се случат и во текот на кампањата и на денот на изборите“, рече Ахмети.
Националната координаторка за изборите од Државното обвинителство на Косово, Лаура Паула, ги охрабри граѓаните постојано да доставуваат какви било случаи или информации за манипулирање со гласови.
„И ние како Државно обвинителство, ги презедовме сите конкретни акции за овие избори кои ќе бидат одржани на 6 октомври. Ги координиравме нашите акции во рамките на интерниот оперативен план на Државното обвинителство. Истовремено со полицијата на Косово ќе спроведуваме стандардни оперативни процедури“, рече Пула.
Гилтене Сулејмани, од Изборниот панел за жалби и претставки, рече дека се преземени сите потребни активности за изборниот процес и дека е продолжено работното време за вработените од оваа институција. Сулејмани истакна дека досега имало 86 жалби и порача дека сите партии мора да го почитуваат кодексот на однесување и да го избегнуваат говорот на омраза.
Координаторот за избори од Судскиот совет на Косово, Фатиме Дермаку, рече дека се одредени судиите кои ќе бидат задолжени за изборите.
На овој работен состанок присуствуваа и десетици припадници на полицијата на Косово кои безбедносните пораки ќе им ги проследат на припадниците на полицијата поради посигурен изборен процес.
Во Косово денеска започна десетдневна предизборна кампања. На избори се оди поради оставката на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, кој поднесе неотповиклива оставка откако доби повик за разговор како осомничен од страна на Специјалниот суд за Косово.