Балкан

Мета: „Единствениот пат за решавање на кризата е дијалогот“

Мета на прес-конференција нагласи дека одлуката за откажување на локалните избори имала за цел на страните да им создаде можност и простор за спроведување дијалог...

Fatjon Cuka  | 25.06.2019 - Обновена : 26.06.2019
Мета: „Единствениот пат за решавање на кризата е дијалогот“ Фото: Olsi Shehu/AA

ТИРАНА (АА) - Претседателот на Албанија, Илир Мета, во врска со последните случувања во земјата истакна дека единствениот пат за решавање на кризата е политичкиот дијалог и почитување на законот од страна на сите, јавува Anadolu Agency (AA).

Мета на прес-конференција нагласи дека одлуката за откажување на локалните избори имала за цел на страните да им создаде можност и простор за спроведување дијалог за решение во насока на националниот интерес.

„Декретот на претседателот за укинување на декретот за утврдување на 30 јуни како ден за одржување на локалните избори, е донесен со целосна поддршка на Уставот и основните принципи заштитени со него, особено политичкиот плурализам. Како резултат на тоа, само Уставниот суд и само тој може да ја разгледа валидноста на декретот на претседателот“, рече Мета.

Тој истакна дека одлуката за откажување на локалните избори е во сила и е задолжителна за имплементација од сите во Република Албанија.

Меѓу другото, Изборниот колегиум на Албанија вчера го отфрли тужбеното барање на партијата Национално единство, која бараше да се повлече од локалните избори на 30 јуни, а оваа одлука индиректно се смета дека не е против организирање на изборите на 30 јуни.

Во врска со оваа одлука, Мета рече дека во овој процес Изборниот колегиум не може да ја разгледа уставната валидност на декретот за откажување на изборите, бидејќи, според него, такво право не му дава Уставот.

„Институцијата Претседател на Републиката не е повикана од страна на изборен суд како страна во процес, а со тоа донесената одлука не може да создаде ниту еден правен ефект, било за декретот, како и за откажување на датумот за избори“, нагласи Мета.

Потсетуваме, опозициските партии во Албанија, Демократската партија (ПД) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), од укинувањето на парламентарните мандати во февруари организираа неколку протести на кои имаше тензии, барајќи преодна влада и предвремени избори, а не се вклучени ниту во процесот за локални избори.

По овие настани, претседателот на Албанија, Мета, на 10 јуни донесе одлука за укинување на декретот за локални избори, без да утврди нов датум, и одлучи да го откаже 30 јуни како ден за одржување на локалните избори.

Од друга страна, премиерот на Албанија, Еди Рама, е против идејата за преодна влада и одлуката за откажување на изборите, а владејачката Социјалистичка партија (ПС) ја продолжува кампањата за локални избори.

На 17 јуни Социјалистичката партија, предводена од премиерот Рама, до Собранието на Албанија го поднесе барањето за започнување на процедурите за разрешување на претседателот Мета, со образложение дека декретот за откажување на изборите е против уставните принципи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.