Балкан

Скопје: Aктуализирање на користењето велосипед под мотото „Дојди со велосипед во парк“

Настанот беше поддржан од амбасадите на Холандија и Велика Британија во Скопје, а присутни беа градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, холандскиот амбасадор, Вилем Ваутер Пломп

Abdula Berisha  | 25.06.2019 - Обновена : 26.06.2019
Скопје: Aктуализирање на користењето велосипед под мотото „Дојди со велосипед во парк“ Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Во организација на здружението „Center for Common Ground“, во скопската Општина Чаир беше организирана прошетка со велосипеди под мотото „Дојди со велосипед во парк“, јавува Anadolu Agency (AA).

Настанот беше поддржан од амбасадите на Холандија и Велика Британија во Скопје, а присутни беа градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, холандскиот амбасадор, Вилем Ваутер Пломп, претставници од британската Амбасада, како и десетици велосипедисти.

Градоначалникот на Општина Чаир, Ганиу, кој доаѓа од областа на спортот и кој во неговата претходна кариера е познат како успешен фудбалски тренер, упати благодарност до организаторите на овој настан, кој го опиша како корисен за целото општество.

„Се подразбира дека целта е денес да реализираме прошетка со велосипеди со која сакаме да испратиме неколку пораки; уште повеќе да користиме велосипеди“, рече тој, додавајќи дека во Скопје има густ сообраќај и на овој начин ќе имаат корист и од аспект на времето, и од аспект на здравјето.

Амбасадорот Пломп истакна дека од локацијата каде што се наоѓа Амбасадата до паркот во Чаир пристигнале за 10 минути со велосипед, и дека доколку истото растојание би го поминале со возило, ќе им било потребно двојно повеќе време.

„Лично јас сум многу среќен што се наоѓам тука, бидејќи како Амбасада на Холандија силно го поддржуваме велосипедизмот како спорт, но исто така како најдобар и најефикасен начин како да се движите во Скопје“, додаде тој.

По изјавите за медиумите, групата од десетици велосипедисти, предводена од Висар Ганиу и Вилем Ваутер Пломп, реализираше прошетка со велосипеди низ Чаир, испраќајќи порака за важноста од создавање простор за велосипедистите, којшто според нив, ќе му помогне на градот од аспект на заштита на животната средина.

Општина Чаир се наоѓа во централниот дел на Скопје, и е една од најгусто населените општини во Европа. Според податоците на официјалната страница на Општина Чаир, општината има површина од 3,25 километри квадратни, каде што живеат 64.773 жители, според пописот во 2002 година.

Тоа го прави поинтензивен сообраќајот во овој дел на градот, па затоа властите апелираа за користење велосипеди, а во исто време вложија напор за создавање повеќе велосипедски патеки.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.