Admir Fazlagic
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денешното референдумско изјаснување на граѓаните на Република Македонија мина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир. До 19 часот евидентирани се дваесетина случаи, меѓу кои имаше и напад на полициски службеници, а приведени или повикани во полициска станица досега се 12 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ова вечерва го изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски, на прес конференцијата по завршувањето на гласањето.
Ангеловски истакна дека Министерството за внатрешни работи, согласно претходно направените планови и преземени активности, целосно се посвети и ангажираше во обезбедувањето на нормални услови за непречено спроведување на волјата и правото на граѓаните.
Според неговите зборови, во сите случаи на загрозување на гласачкото право или нарушување на јавниот ред и мир беше експресно реагирано, а во најголемиот дел од случаите сторителите беа приведени или повикани во полициска станица.
„До 19 часот евидентиравме дваесетина случаи, меѓу кои имаше напад на полициски службеници, фотографирање на гласачи, фотографирање на гласачко ливче, спречување на граѓани да гласаат и сл. Приведени или повикани во полициска станица до сега се 12 лица“, рече Ангеловски.
Портпролот на МВР додаде дека дел од овие случаи се веќе документирани и поднесени се соодветни поднесоци, а останатите ќе се расчистат во текот на наредните денови.
„Сакам да потенцирам дека ова не се целосни бројки затоа што постои можност да е регистриран уште некој случај при крајот на гласањето“, изјави Ангеловски.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија до 19:00 часот имаа право на глас во 3.513 избирачки места во 80 општини во земјата.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот се одржа по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.