Husameddin Gina
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорот Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, денес го посети гласачкото место во средното училиште „Јосип Броз-Тито“, во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој, во текот на посетата на гласачкото место, разговараше со надлежните лица од избирачкиот одбор, се информираше за текот на гласањето и за тоа дали досега се соочиле со некои проблеми.
Петерсен, исто така, истакна дека со стотина тимови распоредени насекаде низ земјата го следат референдумскиот ден и ќе информираат за сè што виделе.
Петерсен најави официјална прес-конференција за утре во 15 часот.

Утрово во седум часот се отворени гласачките места во Македонија, каде што граѓаните можат да го остварат своето право на глас на референдумот на кој прашањето гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
На референдумот на државно ниво со право на глас во избирачкиот список се запишани вкупно 1.806.336 гласачи. За да се постигне предвидениот цензус од 50 проценти плус еден глас, на референдумот треба да излезат најмалку 903.169 гласачи.
Државната изборна комисија (ДИК) има издадено акредитации за набљудување на 11.907 домашни и 493 странски набљудувачи.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија треба го смени своето име во Република Северна Македонија.