Besar Ademi
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Меѓународните набљудувачи на вчера одржаните локални избори во Република Македонија заклучија дека одржувањето на овие избори придонесе кон зајакнување на довербата во демократскиот процес, јавува Anadolu Agency (AA).
Тие истакнаа дека изборите се одржаа во конкуретно опкружување, каде кандидатите генерално можат да водат кампања без ограничувања, а темелните слободи на здружување и изразување беа севкупно почитувани.
Но, меѓународните набљудувачи истакнаа одредени недостатоци, како што е доцната ревизија на Изборниот законик, што резултираше со промена на составот на Државната изборна комисија (ДИК), кое според нив, е во спротивност со меѓународната добра практика.
„Иако процесет сѐ уште не е завршен, на овие избори се виде напредок во демократскиот процес на оваа земја и довербата на гласачот во изборниот процес расте. Се надеваме дека ова ќе продолжи и во вториот круг“, рече Одри Гловер, шеф на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР.
„Вчерашните локални избори беа генерално во согласнот со меѓународните стандарди, а се надеваме дека ова ќе биде придонес за натамошниот одржлив развој на локално ниво, со цел да се подобрат животните услови за сите граѓани на оваа земја“, истакна Карим Ван Овермеир, шеф на Делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа.
Меѓународните набљудувачи истакнаа дека прашањата околу учеството на жените во јавниот живот не биле обработувани во текот на кампањата, како и тоа дека составот на ДИК го исполни барањето за 30 проценти родова застапеност, но сепак, тој не секогаш беше почитуван на пониските нивоа. Тие, исто така истакнаа дека на платеното политичко рекламирање на приватните медиуми доминирале двете најголеми партии.
Во врска со финансирањето на кампањите, според нив, иако регулативата за финансирање кампањи е подобрена последниве години, согласно со претходните препораки, таа не обезбедува целосно соодветна транспарентност.