Uğur Çil
19 Октомври 2017•Ажурирај: 19 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека нема никаква разлика меѓу реториката на челникот на Народната партија (OVP), Себастијан Курц, кој е победник на австриските парламентарни избори, и реториката на радикалните десничари, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на „TRT World Forum“, кој се одржува во Истанбул, одржан е посебен панел под името „Сите сме на ист брод: Регионална соработка за решавање на хуманитарните кризи“.
Чавушоглу на самиот почеток од своето обраќање истакна дека целиот свет денес е соочен со тешкотии. Како што рече тој, со проблеми не се соочени само европските општества, туку слични проблеми се присутни и во другите региони во светот.
Тој се осврна на сѐ поприсутниот проблем исламофобијата, антихристијанството, ксенофобијата, нетолеранцијата и антисемитизмот во Европа.
„Кој ќе го смени овој тренд? Политичарите? Кои политичари? Дали очекувате нешто од радикалните партии? Очекувате ли нешто од париите на центарот, од Себастијан Курц? Неговата партија е наводно партија на десниот центар, но ако погледнете каква реторика имаше за време на кампањата, можете да забележите дека меѓу реториката на радикалните партии и на Себастијан Курц нема никаква разлика. Исламофоб, ксенофоб и против мигрантите. Овие работи се вознемирувачки“, порача Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија ги обвини медиумите во Европа дека имаат негативна улога во општеството и оти во контекст на ширење на реротиката на радикализмот станале поопасни од политичарите и од партиите.
Тој укажа на важната улога на Турција во згрижувањето на бегалците од Сирија, Ирак и од другите земји, а меѓународната заедница, особено ЕУ, ја обвини дека не даваат доволно поддршка и не учестуваат во споделувањето на товарот за решавање на проблемите на бегалската криза, која е глобален проблем.
„Турција многу вложува напори во процесот на интеграција на сириските бегалци, но уште многу работа има пред нас. Политичката интеграција во ЕУ е неуспешна. Тоа мораме да го признаеме“, изјави Чавушоглу.
Укажувајќи на неопходноста на борбата против сите терористички организации во светот, Чавушоглу изјави дека е неприфатливо што САД и некои европски сојузници ја поддржуваат ЈПГ, која е сириски огранок на терористичката организација ПКК. Тој потсети дека поради злосторствата на терористите на ЈПГ, од Сирија во Турција побегнале 300.000, а во Европа 100.000 Курди.
Чавушоглу потсети дека официјалните лица од Западот остро ја критикувале Турција откако неодамна со Србија договори отворање на заедничка трговска канцеларија во Истанбул, и посочи дека силите на Западот го перципираат Западен Балкан како полигон на конкурентска борба со Турција.
„Нашата цел во тој регион е да се воспостави стабилност. Ние сме членка на НАТО и затоа нѐ сметаат за конкуренција“, изјави Чавушоглу и предупреди дека Западот сторил слична грешка во Украина, која ја сметал за место за натпревар со Русија.
Чавушоглу порача дека Турција секогаш била дел од Европа и оти поинаку не може да биде, без оглед на тоа дали некој ја сака или не.
„Турција има трговска соработка и дели многу вредности со Европа. Европската Унија е единствената организација во која не сме членка“, изјави Чавушоглу и додаде дека Турција не гледа само во правец на ЕУ, туку е насочена и кон исламскиот свет, на кого исто така му треба единство.