Filyo Kongo
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
АТИНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакнувајќи дека Турција е подготвена да разговара со Грција за прашањата поврзани со Источниот Медитеран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Чавушоглу во интервјуто за грчкиот неделник „То Вима“ (To Vima) се осврна на тековните настани.
Чавушоглу истакна дека Турција од самиот почеток повикува на политика на дијалог за решавање на проблемите во регионот, но поголемиот дел на земјите што имаат брег на Средоземното Море не одговараат на повиците и спроведуваат еднострани активности.
„Веруваме дека меморандумот потпишан со Либија е во согласност со меѓународното право и дека ги почитува основните принципи на поморската маркација“, нагласи Чавушоглу.
Потсетувајќи на меморандумот потпишан со Владата за национално единство (UMH), која е прифатена како „единствен легитимен претставник на Либија“, Чавушоглу нагласи:
„Либија потпиша слични меморандуми со Италија во 2018 година, со САД во 2019, со ЕУ во 2018 и 2019 и со Нигер во 2019 година. Можете ли да ни објасните зошто меморандумот потпишан со Турција е незаконски? Согласно либиските закони, за да стапи договорот во сила треба да биде одобрен од Претседателскиот совет на Владата за национално единство (UMH), тој процес е завршен. Така што меморандумот е законски и е валиден. Ако се случи каква било промена на политичката сцена во Либија, тоа нема да влијае на тезата на Турција.“
- Право на островите да создаваат поморски зони
Чавушоглу, посочувајќи дека Турција има најдолг крајбрежен појас во Источниот Медитеран, рече дека Грција и кипарските Грци сакаат неправедно да ја ограничат Турција со еден тесен морски појас.
„Што очекувате, еден остров со површина од 10 квадратни километри, од Турција оддалечен 2, а од Грција 570 километри да има ексклузивна економска зона или да има континентален гребен? Ние не сме ја потпишале Конвенцијата на Обединетите нации за Законот на морињата, но принципиелно се согласуваме со духот и многу одредби“, нагласи Чавушоглу.
Одговарајќи на прашањето дали Турција во јужниот дел од морето на островот Крит ќе истражува јаглеводороди, Чавушоглу рече дека Турција може да отвора тендери за истражување јаглеводороди во рамките на суверените права во континенталниот гребен и соопшти дека ја испитува таа можност.
- „Грција не треба да го избегнува дијалогот со Турција и треба да не верува во слепата поддршка на ЕУ“
Одговарајќи на прашањето дали за време на состанокот на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, за време на Самитот на лидерите на НАТО во Лондон, станало збор за одење до Меѓународниот суд на правдата (UAD) за утврдување на поморските граници меѓу двете држави, Чавушоглу рече дека тоа прашање не било на дневен ред и дека разговорите биле фокусирани на продолжување на мерките за градење доверба.
„Ние на таа средба на премиерот Мицотакис јасно му кажавме дека сме подготвени да разговараме за прашањата за Источниот Медитеран. Се надевам дека новата грчка Влада ќе даде позитивен одговор. Тука би сакал да ја предупредам Грција ако избегнува преговори со Турција и поверува на слепата поддршка на Европската Унија (ЕУ), тоа ќе биде најголемата пречка за решавање на проблемите“, нагласи министерот Чавушоглу.
- „Не е фер да се очекува Турција да ја преземе целата тежина во однос на бегалците“
Во однос на обвинувањата на Грција дека Турција не ги исполнува своите обврски кон договорот за имигрантите потпишан со Европската Унија, Чавушоглу рече дека екипите на турската Крајбрежна стража прават сè за да не се повтори мигрантската криза од 2015 година.
„Не е фер да се очекува Турција да ја преземе целата тежина во однос на нерегуларните мигранти и бегалците, коишто се меѓународен проблем. Турција угостува 3,7 милиони Сиријци и се обидува да ги контролира нерегуларните мигранти на нашата источна граница. Затоа не е можно да бидат прифатени таквите тврдења“, додаде Чавушоглу.
- „Грчката страна не сака да ја дели власта и просперитетот“
Одговарајќи на прашање во врска со активностите за решавање на кипарскиот проблем, Чавушоглу рече дека Анкара секогаш работи за пронаоѓање фер и трајно решение, но кипарските Грци инсистираат да не ја признаваат политичката еднаквост на кипарските Турци.
„Што и да тврдат кипарските Грци, тие не сакаат да ја делат власта и просперитетот со кипарските Турци. Напротив, претпочитаат да ги гледаат како малцинства. За жал, засега нема заедничка основа и визија помеѓу страните на островот. Јас понудив неформална петчлена конференција во рамките на Обединетите нации за да ги истакнам вистинските намери на кипарските Грци“, нагласи Чавушоглу.