Ekipa
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција истовремено работи на 700 проекти во областа на одбранбената индустрија, а дека во петок свечено ќе биде претставен и првиот автомобил од турско производство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган присуствуваше на церемонијата на затворање на манифестацијата „Година на професорот Фуат Сезгин“ во комплексот на Аеродромот „Истанбул“, а во обраќањето истакна дека изложбите и собирите на таа манифестација биле важни за разбирање на минатото и за разбирање на иднината.
Истакнувајќи дека историјата им овозможува на луѓето да го разберат своето минато и да креираат подобра иднина, Ердоган изјави дека богатите научни откритија низ историјата имале поголемо влијание од војните на создавање на денешницата.
Тој им оддаде почест на професорот Сезгин и на целата исламска научна заедница и порача дека придонесот на исламскиот свет во развојот на науката и технологијата е непроценлив.
Потсетувајќи на голем број откритија на исламските научници во минатото, Ердоган изјави дека моментално е присутен неприфатлив тренд на припишување на сето добро на Западот, а занемарувајќи ги исламските научници и цивилизации. Тој додаде дека тој тренд може да се објасни само со незнаење, ако се исклучи опцијата дека станува збор за намерна пропаганда.
Ердоган изјави дека власта на Република Турција во изминатите 17 години спровела значајни реформи во сите области, а особено во образованието, и дека сите тие реформи сега даваат плодови и ја враќаат Турција на местото што ѝ припаѓа на меѓународната сцена.
Тој изјави дека и Аеродромот „Истанбул“ е еден од примерите за мегапроектите, кои многумина се обиделе да ги блокираат во Турција.
„Одбранбената индустрија стана локомотива на развојот на науката и технологиите во Турција. Вчера присуствувавме на свеченото лансирање на првата од вкупно шест подморници на турската Морнарица“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека Турција ги одбила сите напади и со волја на народот и власта прави клучни развојни исчекори.
„Станавме земја која истовремено работи на 700 проекти во одбранбената индустрија и сме една од четирите најразвиени земји кога станува збор за технологијата на изработка на беспилотни летала. Голема заслуга припаѓа и на приватниот сектор, кој дава голем придонес. Во петок ќе го претставиме и првиот автомобил од турско производство“, порача Ердоган.