Abdula Berisha
13 Ноември 2019•Ажурирај: 14 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Хаико Мас, изјави дека добиле податоци од турските служби во врска со милитантите на терористичката организација ДЕАШ и членовите на нивните семејства кои имаат германско државјанство, додавајќи дека оние што извршиле кривични дела треба да бидат изнесени пред суд, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Мас престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, каде што беше примен од неговиот колега Никола Димитров, а по средбата тие одржаа заедничка прес-конференција.
На прашањето на АА колку милитанти на ДЕАШ ќе бидат екстрадирани во Германија, министерот Мас рече дека комуницираат со турските служби и дека оваа недела добиле податоци од турските власти.
„За нас е многу значајно да видиме дали навистина станува збор за германски државјани и дали тие имаат врска со Исламската држава (ДЕАШ), и ако имаат, каква е таа врска, за да можеме да одлучиме дали постои таква поврзаност, дали се прекршени одредени закони. Ако сториле кривично дело, тогаш тие треба да бидат изнесени пред суд и да понесат одговорност. Постои интензивен дијалог со турските служби за да се разјаснат сиве овие прашања за ние да можеме да бидеме во состојба да препознаеме дали станува збор за луѓе коишто извршиле кривични дела во рамките на Исламската држава (ДЕАШ) и на соодветен начин да понесат одговорност“, рече Мас.
Претходно во текот на денот, турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, изјави дека Германија и Холандија се согласиле да ги примат назад фатените терористи на ДЕАШ заедно со нивните сопруги и деца.